Она што упорно го избегнуваат носителите на највисоките политички функции во државата, се одважија и го направија некогаш лутите воени противници, денес политички неистомисленици, оспоруваниот министер за одбрана Талат Џафери и генералот Стојанче Ангелов, лидер на „Достоинство“. Тие вечерва ги спротиставија своите ставови во емисијата на Мухамед Зекири на националната телевизија „Алсат М“.

Во отворена, на моменти остра дебатра, гостите дискутираа за иницијативата на „Достоинство“ за распишување референдум со кој, меѓу другото, се бара поранешен припадник на ОНА да не може да биде министер за одбрана или внатрешни работи.
Генералот Ангелов тоа го образложи со, како што рече, фактот дека Талат Џафери до сега два пати дезертирал од армија, прв пат од поранешната ЈНА, а втор пат од АРМ и тоа на денот кога е извршен масакрот врз осумте македонски бранители во Вејце, кога тој бил дежурен офицер во тетовската касарна.
Талат Џафери истакна дека тој преминал во редовите на ОНА и легитимнио се борел за правата на албанците во Македонија. Тој истакна дека иницијативата на „Достоинство“ за собирање 150.000 потписи за референдум нема да успее, посочувајќи дека тој е назначен за министер на легален и легитимен начин, согласно законските прописи на предлог на неговата партија ДУИ и дека во Македонија по 2001 година има нова реалност која некој не сака да ја прифати.
Двајцата соговорници се осврнаа и на последните немили настани предизвикани на минатонеделните протести во Скопје.
Џафери го обвини Ангелов дека зарадси политички цели покренал иницијатива која предизвикала револт и насилни протести. Тој се заблагодари на албанските граѓани кои застанале во негова одбрана, но рече дека не е потребно тоа да се прави со насилни протести. Џафери упати апел до младите Албанци да се воздржат од насилство на најавените петочни протести.
Лидерот на „Достоинство“ истакна дека иницијативата за референдум е законска и дека ќе успее, но ги повика младите Македонци да не протестираат насилно, а своето незадоволство од назначувањето на Талат Џафери за министер за одбрана да го искажат преку поддршка на иницијативата за собирање на 150.000 потписи потребни за распишување на референдум.
По жестоката дискусија, на предлог на гледач кој го прочита водителот Зекири, соговорниците се ракуваа.












