Градоначалникот Никола Бакрачески денес во својот кабинет ги прими четворицата млади математичари Теодора Бујароска, Виктор Домазетоски, Милан Крстески и Поликсена Тунтева, кои  со постигнатите успеси по математика  на државно и регионално ниво, претставуваат вистинска гордост за  градов и земјава.

Четворицата се ученици во гимназијата „Св. Климент Охридски“ и велат дека математиката е нивна животна определба односно идна  професија. Теодора Бујароска го освои првото, а  Виктор Домазетовски второто место  на регионалниот и државниот натпревар по математика. Поликсена Тунтева и Милан Крстески на овие натпревари се закитија со признанија. На светски признатата македонско- математичка олимпијада, Бујароска се закити со сребрен,  а Домазетоски со бронзен медал.

Градоначалникот Никола Бакрачески кој им честита за постигнатите  резултати на натпреварите, рече дека нивните успеси  се гордост за  Охрид, потенцирајќи дека општината ќе ги подржува талентираните ученици, создавајќи услови за нивна понатамошна  наобразба и усовршување.

Тој истакна дека во рамките на своите ингеренции, општината ќе го поддржи учеството на Теодора Бујароска на балканската и интернационалната олимпијада, кои ќе се одржат во Бугарија, односно  во Јужноафриканската Република.

OhridNews