Поранешната директорка на Зaвoдот и Музеј Охрид и конзерваторски надзор на проектот во писмена изјава до медиумите, ги отфрла обвинувањата на зддружението на граѓани „Совест“ и тврди дека реконструкцијата на Али Пашината Џамија се одвива според стручно изработен проект за кој се добиени сите потребни одобренија. Посочува дека заради неусогласеност на Законот за градба и Законот за заштита на културното наследатво, невозможно било Министерството за транспорт и врски да издаде одобрение за градење и затоа проектот се реализира со конзерваторско одобрение.

-Конзерваторко – реставраторските работи и реконструкцијата на Али Пашината џамија се изведуваа согласно член 87 став 1 од Законот за заштита на културно наследство врз основа на кој е издадено Конзерваторско одобрение и согласно член 76 и член 77 став 2 и 3 од Законот за градење. Според ЗЗКН за изведување на работите на објектот потребно е со работите да раководи овластен конзерватор и работите да се изведуваат под конзерваторски надзор, што во случајот е обезбедено. – вели Тања Паскали Бунташеска.

Taa посочува дека на ден 07.11.2017 година од страна на инспекциските служби при Управата за заштита на културно наследство – Скопје, бил извршен редовен инспекциски надзор на конзерваторско – реставраторските работи и реконструкција на Али Пашината џамија во Охрид. При надзорот констатирано било дека сите конзерваторско реставраторски работи се извршуваат согласно Основниот проект за конзерваторско – реставраторски работи и реконструкција на Али Пашина џамија во Охрид изработен од страна на МЗТ ИНЖЕНЕРИНГ , ДОО – Битола со тех. бр. 03-83/1 од 05.2016 година.

-Истовремено е побарано од мене како поранешен директор и конзерваторски надзор во моментов да се достави изјава во врска со непочитување на ставот 6 од диспозитивот од конзерваторското одобрение за конзерваторско реставраторски работи и реконструкција на Али Пашина џамија во Охрид. – додава Паскали Бунташеска.

Поранешната директорка на Завод и Музеј Охрид објаснува дека за конзерваторско – реставраторски работи и реконструкција на Али Пашината џамија во Охрид изработен е основен проект за конзерваторско – реставраторски работи и реконструкција на Али Пашина џамија во Охрид, врз основа на кој е добиено Конзерваторско одобрение за конзерваторско – реставраторски работи и реконструкција на Али Пашина џамија.

– Со проектот за конзерваторско – реставраторски работи и реконструкцијата е опфатен целиот верски комплекс на Али Пашината џамија, односно опфатени се комплетни конзерваторско – реставраторски работи на самата џамија, со рушењето на дивоизградените делови при разни поранешни зафати (дивоизграден трем од северната страна со висина од подрум + приземје + кат, дивоизградена доградба од источната страна на џамијата пријавени до Државниот градежен инспекторат со пријава за бесправна градба во заштитено подрачје со пријава бр. 13-789/1 од 13.10.2004 година), а врз основа на конзерваторските истражувања се предвидува реконструкција (обнова) на отворениот трем од северната страна и реконструкција на минарето кое и сега постои до висина од 6,5 метри. Исто така со проектот е предвидено и рушење на дивоизградени тоалети во дворното место од џамијата и рушење на армирано бетонскиот шадрван и изведба на објект за потребите на верниците со планирање на санитарни јазли за потребите на верниците како и нов шадрван изведен со традиционални градежни материјали. – појаснува Паскали Бунташеска. Тврди дека работите се изведуваат согласно законот и изготвената соодветна проектна документација што било констатирано на 06.06.2017 година при инспекциски надзор на Управата за заштита на културно наследство – Скојпе.

Здружението „Совест“ од Охрид, на прес конференција пред два дена, обвини дека работите на Алипашината џамија во охридската чаршија, која е во фаза на реконструкција во рамки на која е предвидена изградба на 32 метарско минаре се одвиваат без потребните одробренија. Тоа смета дека доколку проектот кој се финансира со донација на директоратот на вакуфите од Турција, се реализира така како што е замислен, засекогаш ќе се променат визурите на Охрид. Предупредува дека штета е веќе направена со употреба на тешка механизација на просторот каде некогаш постоела ранохристијанска базилика и обвини дека проектот се реализира нетранспарентно и без консултации со пошироката стручна јавност и граѓаните. 

Здружението Совест побара да се отвори поширока јавна дебата за целиот проект и ги повика министрите за култура и за транспорт и врски Заводот за заштита на спомениците и Музеј на Охрид, Управата за заштита на спомениците, како и градоначалникот на Охрид да се произнесат за случајот кој според нив може да има далекусежни последици за градот. 

OhridNews