Утре во 20 часот во НУЦК „Глигор Прличев“ ќе биде изведен танцовиот перформанс „Лиминално тело“ на кореографката Ивана Балабанова како дел од турнејата во рамките на проектот „Танц.Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница“.

Балабанова го користи концептот на лиминалност како почетна точка преку која таа се обидува да ја прикаже емотивната состојба на модерениот човек, човек кој живее на работ, во постојана трансформација, кој бара внатрешна и надворешна транзиција за да преживее. Таа ја анализира „лиминалноста“ како „современа човечка состојба и постулат за денешното постоење.

Лиминалното тело повеќе не може органски и физиолошки да ја поднесе хиперпродукцијата на светот и бара нов одговор. За да се спаси од болест, од уништување, не бара да биде вечно, туку да биде неугнетено. Ја бара својата слобода од културните ограничувања, од општественото условување, од капиталистичкото ропство. Притоа, овој концепт еродиран од личниот интерес, се протега и до неговите општествени репрезентации. Замислено како експериментален перформанс, каде што се игра помеѓу познатото и непознатото, помеѓу очекуваното и неочекуваното, бучава и тишина, хаос и мир, помеѓу густина и динамика на разни текстури. Овој перформанс го разделкува емотивниот спектрум и го поместува срцевиот ритам, вели Балабанова.

Перформансот во својот интердисциплинарен пристап ги обединува јазиците на танцот и театарот носејќи на сцената свежина со еден нов израз.

Лиминалноста на тело се доживува преку движењата на танчарите Сара Цветковска, Дејан Битровски, Илина Костовска, Тереза Лазаров, Стефани Шааршмит (Германија/С. Македонија) и Џун Елис Мах (Германија), а експерименталниот концепт се надополнува со современиот музички израз на композиторот Алесандро Ола, како и сценографските и светлосни решенија на сценографот Мартин Манев и светло дизајнерот Игор Митревски, додава Балабанова.

Перформансот се реализира во рамките на проектот Танц. Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница спроведен од Битрикс Културен Центар, преку „Платформа Битрикс“, и е поддржан од Swiss Agency for Development and Cooperation (SDC), а благодарение на Министерството за култура на Република Северна Македонија, перформансот на 12 јули гостуваше и во театарот Гнилане во Косово. Последната изведба во рамките на турнејата ќе се реализира токму во Народен театар Охрид.

OhridNews