Пивотменскиот тандем во охридскиот ракометен состав Иван Тасески и Елдин Вражалица имаат само позитивни впечатоци по ждребката за 1/4 финалето во Купот на Македонија.


Ракометниот клуб Охрид во 1/4 финалниот турнир за противници ги доби Тинекс Пролет, Прилеп и третата екипа на Вардар. Четвртфиналните мечеви ќе се одиграат во Охрид на 16 и 17 април.

– Го посакував Тинекс Пролет во четвртфиналето бидејќи сакам да им покажиме дека сме многу поквалитетна екипа од тоа што го прикажавме во последниот меч на домашен терен. Пласманот на завршниот турнир никогаш не бил поблиску за клубот, градот и за нас играчите. Охриѓани ќе имаат можност да уживаат и токму поради нив сакам да обезбедиме пласман во фајнлфорот. – рече Вражалица.


Обезбеденето место во плејофот од втората позиција на табелата во Супер лигата ги прави охриѓани фаворити пред четвртфиналниот турнир.

– Имаме квалитет, се ни оди рака сезонава и ќе треба само да го покажиме уште еднаш во четвртфиналето. Имаме шанса која едноставно не смееме да ја пропуштиме. Своја улога на нас ќе одигра и тоа што мечевите се играат во Охрид и публиката ќе ни биде ветар во грбот. – додаде Тасески. 


После мечот со Вардар Јуниор кој се игра в сабота, „гладијаторите“ ќе имаат неколку дена слободни, а потоа со полна пареа ќе се подготвуваат за мечевите од Купот на Македонија и плејофот од Супер лигата.

Супер ждребка за „гладијаторите“ во Купот на Македонија !

Андоновски: Куп мечевите се друга приказна од суперлигашките

Мх.П.