Безбедносните служби на ТАВ Македонија спречија шверц од 99.200 евра на скопскиот аеродром „Александар Велики“. Патник се обидел да ја пренесе поголемата сума на девизи преку пунктот за преглед, но сигурносниот тим го спречил во намерата и го пријавил на царинските и на полициските службеници.
При проверка на документите утврдено е дека се работи за турски државјанин кој поседува пасош од оваа држава, но и од соседна Србија. Тој требало да патува за Истанбул. Сумата од речиси 100.000 евра е пронајдена во рамки на процедурата за безбедносен преглед на патници и кабински багаж. Станува збор за редовна контрола во која вработените на ТАВ Македонија проверуваат дали патниците во себе имаат предмети кои не се дозволени за изнесување согласно позитивните законски прописи. Лицето кое е задржано во земјава и не му е дозволено да продолжи со патувањето, се обидело нелегално да ги изнесе парите од земјата без претходно да ги пријави.
OhridNews