Холандскиот тур-оператор ТУИ Холандија ќе воведе нови сезонски летови од Ајндховен до Охрид во летната сезона во 2018 година, објавува ТАВ Македонија. ТУИ ќе ги реализира летовите со нивната авиокомпанија–ТУИ флај.
ТУИ веќе лета на линијата Амстердам-Охрид-Амстердам, носејќи холандски туристи на Охридското Езеро секоја година, а сега ќе воведе втора авионска конекција со охридскиот аеродром. Летовите од Ајндховен до Охрид, ќе се реализираат двапати неделно, односно секој понеделник и петок, почнувајќи од 11 мај до 21 септември.
Како што изјавија претставниците на ТУИ, на оваа линија ќе сообраќаат воздухоплови од типот Боинг 737-800. Моменталниот распоред на летање предвидува заминувањето од Ајндховен да биде во 11:00 часот, додека пристигнувањето во Охрид е предвидено за во 13:35 часот. Од Охрид кон Ајндховен воздухопловите ќе заминуваат во 14:25 часот, а ќе пристигнуваат во Ајндховен преку Тиват во 18:50 часот.
Сезонските летови од Ајндховен треба да донесат од 3.000 до 3.500 патници на охридскиот аеродром, додека вкупно, вклучително и со летовите од Амстердам, ТУИ очекува да донесе 15.000 туристи на Охридското Езеро следната година.
OhridNews












