На 10-ти април, среда, во охридскиот Центар за култура „Григор Прличев“ гостува скопскиот театар Провокација со претставата „Првин ќе ме земеш, после ќе ме…“.
Во претставата играат: Роберт Ристов, Мирјана Ристов и Дарко Вељиќ, режијата е на Ѓорѓи Ризевски, костими Елена Лука, сценографија Роберт Ристов.
Проектот „Првин ќе ме земеш, после ќе ме…“ е независен проект, во продукција на „Театар Провокација“- Скопје и истиот веќе трета сезона се изведува пред преполни салони на сцената на овој театар. Претставата досега има над 50 изведби, во Тетар Комедија и низ градовите во републиката. Актерот Роберт Ристов, за улогата на Џота од „Првин ќе ме земеш после ќе ме…“ ја доби наградата од меѓународното жири на НЕТА за најдобра машка улога на фестивал „Ристо Шишков“- Струмица.
За содржината: Џота и Кети се ликовите кои се пријавени да учествуваат во оваа реално шоу „ОСАКАТЕНИ ДУШИ“ и двајцата со пододминат лимит на години за мажење/женење, и двајцата со различни животни стории кои оставиле болни траги врз нивните животи. Тој, маж со неуспешен брак зад себеси, решен е никогаш повеќе да не се жени и на оваа средба гледа само како на едновечерна авантура. Таа-девојка која заради својот биолошки часовник е во потрага на идеалниот сопруг и е нетрпелива да роди дете. Нејзина одлука е да се мажи вечерва, бидејќи има зацртано дека ќе се мажи до својата 35-та, а оваа вечер го слави токму тој, 35-ти роденден. Ваквите контра очекувања, оваа средба ја прават исполнета со многу конфликтно-комични ситуации кои во одредени моменти водат до точка на безизлезност. Токму затоа, нашиот келнер, кој е и водител на оваа шоу, во секоја ваква ситуација се стрчува во публиката и бара помош од неа. На секоја изведба публиката, по пат на гласање ги избира сцените кои сака да ги погледне, и со тоа, самата таа избира накаде ќе се развива претставата. Секој избор завршува со конфилтна ситуација која нуди нови три избори, по што публиката повторно гласа. Ова е принципот по кој се гради претстава и заради кој секоја изведба е непредвидлива и за публиката и за актерите и е поразлична од претходната.
Картите по цена од 200 денари се пуштени во продажба на билетарата при НУЦК “Григор Прличев” – Охрид. Почеток на претставата е во 20.00 часот.
OhridNews













