Гостиварскиот театар вчеравечер на сцената „Долни Сарај“ премиерно ја изведе театарската претстава „Полковникот птица“ на текст од Христо Бојчев, а во режија на Андреј Цветановски.
Актерите Марија Кондовска, Бехреда Решит, Дритон Љазами, Кујтиме Ахмети, Марко Дојоски, Ајше Усеини, Берат Махмути, Ариан Ејупи, Елизабета Клинчаревска Младеновска и Ѓорѓи Нешкоски доловија човечки судбини на една група ментално болни луѓе коишто живеат заборавени во лудница. Таму по грешка им стигнува хуманитарна помош и тие добиваат нова надеж, нова мотивација во животот. Пораката е како луѓето да станат подобри, исто како што и ликовите во претставата стануваат добри.
Првиот човек на НУ Гостиварски театар, Висар Вишка вели дека театарската претстава започнала да се подготвува по заедничката одлука на актерите и режисерот и по олабавувањето на мерките кои ги наметна пандемијата. Како што појаснува, за пробите на целата екипа биле набавени маски и визири кои актерите ги извадија пред премиерната игра вчеравечер на „Охридско лето“.
Знаевме уште од почеток дека оваа здравствена криза ќе трае долго и дека ние како уметници мора да најдеме начин како да се прилагодиме на новонастанатата ситуација, како да работиме и како да ѝ вратиме на публиката, зашто сепак, ние трошиме буџетски пари. Држејќи се до протоколите, првото нешто што го направив, ги прашав режисерот и актерите дали се сложуваат да го прифатиме предизвикот и да направиме претстава. Што поголеми предизвици и пречки во уметноста-толку поголеми, подобри и поиновативни работи, вели директорот на НУ Гостиварски театар. – Висар Вишка.

Во мојата кратка но богата кариера, сум имал честопати можност да работам со помали и нови ансамбли. Тие се секогаш интересни за работа затоа што носат една доза на ентузијазам што не ја носат театрите, условно да кажам, со побогата традиција. Овој текст е доста интересен и многу ми се допаѓа. Отсекогаш сум сакал да го работам, и еве, конечно имам прилика за тоа со актерите од Гостиварскиот театар. Особено комплицирано, или некаков нов предизвик ми беше затоа што работевме во период во којшто пандемијата ни зададе нови околности, но театарот се создава овде и сега, и таа околност се обидовме да ја претвориме во квалитет. – вели Цветановски.

Мојата идеја е гостиварскиот театар да звучи на многу јазици, албански, турски, македонски, а зошто да не и на други јазици, само да произведуваме убави претстави за сите. – додава Вишка.

Возбудливо музичко патување на „Охридско лето“ со моќниот глас на мецосопранистката Каменица
Моќниот глас на мецосопранистката Викена Каменица од Република Албанија и звуците на пијаното произведени под вештите раце на познатата албанска пијанистка Мерита Реџа Тершана, вчеравечер ја исполнија внатрешноста на црквата „Света Софија“ .
Концертот на албанските уметници се одржа во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.

Почестена сум што бев гостин на јубилејот на овој прекрасен фестивал. Ми беше чест што гостував заедно со мојата пријателка бидејќи заедно работиме веќе 20 години, и се знаеме многу добро. Токму затоа ни е многу лесно кога сме дует и кога работиме заедно. Публиката на концертот беше одлична. Мило ми е што го прифатија и уживаа во нашиот репертоар кој беше разнобоен со многу различни композитори. – изјави мецосопранот Каменица.

Не сум гостин првпат, имам гостувано на фестивалот и порано, но секојпат е возбудливо да се настапи овде. Охрид има прекрасен фестивал и одлична публика, така што ми беше чест да настапам повторно. Во ова време е многу тешко да се прави музика и да се реализираат концерти поради вирусот ковид-19, но вашата организација е одлична и е за голема пофалба, така како што наликува на јубилејните 60 години постоење. – рече Реџа Тершана.


До крајот на годинешното 60-то јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“, ќе се одржат уште три музички настани. Вечерва концерт ќе одржат италијанските уметници Масимо Мерчели на флејта и Лоренцо Бавај на пијано. Утревечер ќе настапи машкиот вокален ансамбл „Ноктурно“ од Србија, а годинешната музичка програма ќе ја затвори познатата македонска обоистка Гордана Јосифова-Неделковска со концертот насловен „Музички пријателства“ и нејзините гости на вечерта, гитаристот Влатко Стефановски, флејтистот Страшо Темков, како и пијанистката Елена Атанасовска Ивановска.
OhridNews













