Загрепски отмладински театар, Хрватска, вечерва во рамки на фестивалот „Охридско лето“ ќе ја изведе театарската претстава „Хадерсфилд“ од Угљеша Шајтинец, во режија на Рене Медвешек.

Претсвата ќе биде одиграна во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

„Хадерсфилд“ е мрачна, потресна и духовита приказана за една триесет годишна генерација, која ги доживува последиците од војната и не гледа пред себе никаква иднина. Во такви околности, и во време на потполно распаѓање на морални и материјални вредности, дури и дождливото јоркширско предградие се чини како ветена земја. Токму од таму се враќа еден од ликовите во оваа претстава, а со своето враќање ги отвора никогаш нерешените прашања и трауми од времето за кое сите мислат дека е одамна заборавено.

Угљеша Шајтинец е роден во Зрењанин, во 1971 година и е еден од најзначајните современи српски драматурзи, добитник на голем број награди вклучувајќи ја и Европската награда за литература, како и Стеријина награда за „Хадерсфилд“ во 2005 година.

Претставата „Хадерсфилд“ исто така, беше поставена во Југословенско драмско позориште (ЈДП) во Белград и со десетгодишното опстојување на репертоарот и гледаноста стекна култен статус, како и истоимениот филм кој беше повеќе пати наградуван.

OhridNews