Tеатарската претстава „Војна и мир“ од Лав Николаевич Толстој во режија на Борис Лијешевиќ, а во изведба на Народен театар Белград, Србија вечерва на програмата на „Охридско лето“.
Драмскиот селектор на „Охридско лето“ Сања Арсовска на денешната прес конференција истакна дека „Војна и мир“ е дело кое може да биде и политичко, и историско, и љубовно, и егзестенцијално и социјално, секакво, комплексно и многуслојно во својата наративна структура, во психологијата на ликовите, во значењето на дејствијата.
Војната и мирот односно зборовите кои го обликуваат насловот на ова дело кој што асоцира на политичка состојба и на историски настан, од друга страна може да значи една состојба на човековиот ум, односно постојаната војна со човечките страсти и желби, духовните конфликти, како и вечната потрага по мирот во самите нас. Од друга страна заплеткувањето на романот со Наполеоновата инвазија во Русија и зачнувањето на Декабристичкото востание само покажуваат дека војната е еден фатален ефект кој што продолжува да перпетуира во човештвото без да ја научи поуката. Ние вечерва благодарение на Ансамблот од Народниот театар во Белград, ќе бидеме сведоци на едни комплексно дизајнирани животи коишто се во постојана потрага по смислата на животот, на Бог и којшто се овде собрани заедно да ја покажат волјата за одлучувањето и да го покажат текот на човечките настани, вели Арсовска.

Тоа што мене ми беше важно е таа Толстоева перспектива во која војните и мировите се случуваат секаде на сите простори и во геополитичка смисла и во длабоката интимна човечка смисла, односно дека војната и мирот се и во човекот, во односите меѓу луѓето, во природата, во историјата и се тоа е само некој дел од општото постоење, и се тоа се некои нормални циклуси во историјата која се менува, во која наизменично се менуваат војната и мирот. Во романот се генерации кои растат во тој период на војната која го формира животот, судбините, луѓе кои бараат смисла, љубов, Бог. Роман кој е тешко да се прочита, а уште потешко да се драматизира. Во тек на процесот на работа на драматизацијата отпаѓаше дел од материјалот, бидејќи првичната верзија беше 350 страни, а последната се сведе на 70 страници. Пред глумците излеговме со една верзија од стотина страни и процесот траеше околу два месеци. Животот ме научи дека секогаш треба да одиме во правец на својот страв и дека тие работи кои на почетокот изгледаат невозможни, на крајот секогаш излегуваат најубави. И да, успеваме да дојдеме до последната сцена, премиерата, публиката и до „Охридско лето“, додава Лијешевиќ.

Поминаа три години од првиот разговор за „Војна и мир“ и се се вклопи. Од 350 стигна на 70 страни. Целиот процес мене ме потсеќаше на вајарска работа. Прво беше малку едно грубо дело, потоа отпаѓаше додека не дојде до фина изработка. Мене ми е исклучиво важно и е важно за претставата дека во суштина е многу драга, храбра и во однос на Толстој, но и на комплетниот резултат, бидејќи тука на сцената ќе ја видите нашата Наташа Ростова која има 21 година. Тоа е една храбра поделба. Овие глумци прв пат се со големи улоги во Националниот театар, најстариот член е Кривокапиќ. За претставата требаше храброст и полно срце. Дел од актерскиот ансамбл се глумци кои се спремни да го остават срцето на сцената и тоа се чувствува во претставата. И тука некаде е таа љубав која е Толстојова филозофија. Тоа е една трпелива и посветена работа, додава Удовички.

Токму претставата „Војна и мир“ е една од најпривлечните за љубителите на театарот со што можам да кажам дека гледалиштето на отворената сцена на Долни Сарај ќе биде исполнето до последното место. Радува тоа што имаме задоволна публика и полни гледалишта. Не само за оваа, туку и за сите претходни театарски претстави, одгласите се феноменални, и од публиката и од стручната критика. Остануваат уште четири дена од годинешнава фестивалска програма по што ќе ги сумираме впечатоците за се она што измина низ 40-те вечери но она што сега можам да кажам е дека сум горда што зад себе оставаме едно возвишено издание исполнето со возбуда и квалитет. Издание во кое е вложено многу труд, макотрпна работа и професионалност, додаде Поповиќ.
Почетокот на претставата е закажан во 21 часот на сцената на Долни Сарај.
Н.С.Ј.












