Одлуката за контроверзната акција во која со автобуси припадниците на Ослободителната национална армија беа извлечени од Арачиново во конфликтот во Македонија за време на 2001 година паднала поради стравувањата од заканите на герилците на чело со командант Хоџа дека подготвени се да извршат „виетнамски“ напади врз главниот град, пренесува „Макфакс“.

Американскиот армиски генерал Ентони Тејта кој во 2001 година кој ја предводеше операцијата за извлекување на герилците од Арачиново, во разговор за МИА, истакнува дека најголема загриженост предизвикувала заканата од ОНА дека, доколку се соочат со пораз во Арачиново, ќе почнат со улични напади низ Скопје.

Генералот Тејта вели дека негова единствена задача била да стави крај на потпалувањето на војната во Македонија од страна на Косово.

Наспроти оценките дека меѓународните сили на Косово не сторија многу за да ја запрат војната во Македонија, Тејта вели дека неговите луѓе имале голем успех на теренот, и дека всушност тоа било причината што ОНА се решила на ризичен чекор како што е освојувањето на Арачиново.

„Добивме мисија да ги спречиме герилските активности во Македонија кои доаѓаа од Косово, што беше многу поинакво од старата мисија на бригадата која ја заменивме – а тоа беше да се заштити Косово од српски напади. Моја задача беше главно да патролираме по познатите шверцерски канали на границата, од скијачкиот центар Брезовица до тромеѓето на Србија, Македонија и Косово, кое го викавме Кокошкина нога. Знаевме кои се рутите за шверц и имавме распоредено пешадиски и извиднички единици со цел да го попречиме уфрлањето на герилци од Косово во Македонија. И имавме многу успех во тоа, мислам дека притворивме меѓу 800 и 900 герилци на ОНА, кои ги носевме во притворот во Бондстил. Заробениците фатени на границата ги испрашувавме, нашите разузнавачи ги процесуираа, ги идентификувавме, и некои ги држевме подолг временски период, зависно од сериозноста на тоа што го правеа, особено ако пукаа врз нас“, истакнува Тејта и додава дека Арачиново за герилците било стратешка цел, од која може да се види цело Скопје, рафинеријата, аеродромот, Собранието и Владата, и се да биде на минофрлачки дострел.

Тејта се сеќава дека бил повикан да интервенира откако во селото влегла мисијата на дипломатот Питер Фејт, испратен да преговара со командата на герилците. Тој додава дека неговата команда имала разузнавачки единици кои информирале дека ОНА успева да ги одбрани своите позиции во селото и покрај нападите на македонските сили поддржани со хеликоптери и авиони.

Но поради недостигот на храна, муниција и вода герилците на кои им се заканувало да бидат уништени, испратиле најави дека градот Скопје ќе биде цел на нападите слични на тие извршени од виетнамските сили против Јужен Виетнам во Тет офанзивата.

„Ми беше кажано дека герилците успеваат да ги одбранат своите позиции во Арачиново, но дека се при крај со резервите на муниција и храна. Ние ги имавме пресечено нивните линии за снабдување преку планините, и сметам дека затоа се согласија на предлогот да бидат преместени од Арачиново. Тие почнаа да се закануваат со напади против главниот град, велејќи дека тоа ќе биде своевидна Тет офанзива, налик на таа во Виетнам. Претседателот на Македонија нé замоли да влеземе во Арачиново, по што јас добив команда од генерал Ралстон, врховниот командант на НАТО. Внатре во селото имаше класична воена сцена, со урнати згради, остатоци од ракети, мртви животни, ранети герилци. Побаравме од герилците да се постројат, се сретнав со нивниот командант Хоџа, еден низок човек со брада. Го вперив прстот во него, му реков дека немам овластување да ги разоружам неговите луѓе, но ќе мораат да ги испразнат оружјата пред да се качат во моите возила. Му реков дека ќе им нареди на неговите луѓе да се стават под моја команда. Беше тоа една надреална ситуација за мене. Немаа големи резерви на муниција, вода и храна. Некои од нив дојдоа само со по една ќеса или ранец со куршуми и храна со себе. Кога ја одвоивме нивната муниција на страна, одвај се наполни еден камион, вели Тејта и додава дека од селото биле преместени меѓу 300 – 400 герилци до Никуштак, каде прва работа која тие ја направиле во селото била распоредување на снајперисти на покривите и минофрлачи и митралези, очекувајќи дека ќе бидат нападнати“, раскажува Тејта.

Генералот Ентони денес е секретар за транспорт на американската сојузна држава Северна Каролина. Тој вели дека, и покрај искуството од Авганистан и Ирак, каде бил испратен веднаш по рокот поминат во Македонија, сепак извлекувањето на групата на Хоџа од Арачиново, ја смета за најтешката операција која морал да ја изведе во животот. Неговата чета, по враќањето од Никуштак, се соочила со барикади на патот кон аеродромот, а набргу потоа продолжиле престрелките меѓу ОНА и македонските сили, со американските војници заробени меѓу нив.

„Војниците под моја команда покажаа неверојатна воздржаност за да не стрелаат врз никого. Јас имав вкупно 70 војници на терен, заедно со возачите на камионите. На крајот моравме да поминеме низ Никуштак и од другата страна на Арачиново. И таму имаше тенковска чета на македонската армија, но најдовме селски пат по кој се извлековме. Веднаш следниот ден македонските сили влегоа во Арачиново и го обезбедија. Со тоа операцијата беше успешна, стратегиската закана за главниот град беше отстранета“, истакнува Тејта.

Според него, и покрај овој тежок период, македонската Влада и албанското население на Македонија заедно излегоа како победници во војната.

OhridNews
извор:„Макфакс“