
На почетокот од месецов, екипите на јавното претпријатие „Охридски комуналец“ темелно исчистија дел од осмата урбана единица. Се чистеше на улиците „Никола Карев“ и „Сирма Војвода“ на булеварот АСНОМ, како и на десниот крак од улицата „Јане Сандански“.
„Почнавме од овој дел на градот зашто сметаме дека таму се лоцирани голем број викенд-станови и индивидуални викенд-куќи“, изјави директорот на претпријатието, Боро Павлоски. Како што рече Павлоски, акцијата е стопирана поради поројните дождови. „Сега сме сконцентирани на владината акција за почиста европска Македонија што треба да ја спроведеме в недела, а во која ќе се чисти на одредени делови во градот и околината. Веднаш по неа продолжуваме и со вонредното чистење на улиците“, дополни тој.
Во „Охридски комуналец“ ги редуцираат контејнерите поставени низ градот, а ги прават и плановите за поставување корпи за отпадоци кои се пропишани со новиот Закон за јавна чистота.
А.Ристоска












