Поемата „Темна кутија” под шифра„ Јас, малиот Тој” едногласно избрана за најдобра поема за наградата „Григор Прличев“ за 2025 година.

Комисијата за доделување на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2025 година, во состав: Славе Ѓорѓо Димоски – претседател и Зоран Анчевски и Андреј Ал Асади- членови, откако го разгледа Правилникот и ги прифати одредбите за доделување на наградата „Григор Прличев” за најдобра поема на годината пристапи кон разгледување на пристигнати ракописи.

Се констатира дека се пристигната 9 ракописи, од кои седум ги исполнуваат конкурсните критериуми, а два не ги исполнуваат. Во текот на состаноците жири-комисијата констатира дека квалитетот на поемите варира и поголемиот дел, имајќи го угледот на наградата и вредностите на претходните наградени поеми не е на очекуваното ниво. По опсежна дискусија, на првиот состанок откако се констатира дека седум поеми од пристигнатите формално ги исполнуваат конкурсните услови, а две не ги исполнуваат, се пристапи кон опсежна дискусија во врска со современото сфаќање за поимот поема, како литературен жанр, тематскиот интерес на авторите на пристигнатите ракописи и уметничките квалитети на самите нив. Од нив три се издвоија со своите поиздржани естетски, стилски, композициски и содржински квалитети и влегоа во потесниот избор, велат од Комисијата.

Станува збор за поемите (по азбучен ред): Ана, 920 стихови за тишината”, под шифра „987417“, „Сократовски разговор за една глупава поезија во еден случаен свет паралелен на себе“ под шифра: „Суперпозиција“ и „Темна кутија”, под шифра „Јас, малиот Тој”.

Поемата „Темна кутија“ претставува длабока духовна и егзистенцијална исповед на лирскиот субјект, кој преку долгата драматична исповед го претставува сопствениот судир со судбината, смртта, поезијата и смислата на човечкото постоење. Поетот се искачува до архангелски височини, но судниот збор го исфрла од небесниот благослов. Овој мотив е трансформација на библискиот и митскиот пад не како казна за гордост, туку како вечен поучен престој меѓу два света. Во тој пад присутна е и идентификација со Сизиф и Феникс: осуден на повторно издигнување. Лирскиот субјект се најдува „како сенка”, изгубен меѓу смртта и раѓањето, без да знае дали е мртов или сè уште жив што укажува на длабока егзистенцијална криза, посочуваат од Комисијата.

Преку автопоетска исповед, авторот, велат, создава современ мит за поетот како истовремено роб и владетел на своите зборови, како грешник со голема душа.

Борбата со темнината, стремежот кон светлината, чувството на смисла и бесмисла сето тоа ја прави поемата сведоштво за големиот човеков обид да најде правда во светот, а мир во себе. Темната кутијата е централниот симбол на делото. Во неа поетот го бара Бога, но ги среќава пеколните тишини, злото и заборавот.

Кутијата е, всушност, сопствената свест – сопственото чистилиште. На крајот од поемата поетот пее:

„Темната кутија
Никогаш нема да се затвори
Во неа има мир и немир…“

Очигледно е дека страданието може да се препише на секого, но не се знае дали се работи за наслаги од страдање или моментно страдање. Сепак, поемата „Темна кутија“ е најконзистентна и отскокнува со поетски елементи, ја следи логиката на наративот од почеток до крај и вешто создава слики во главата на читателот, додаваат.

OhridNews