Пациентите со мултиплекс склероза нема да мора да патуваат за да ја подигнат или да ја примат терапијата на Клиниката за неврологија во Скопје. Терапијата ќе ја добиваат поблиску до својот дом, односно во Градската општа болница „8 Септември“, Клиничката болница – Штип и во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид, а потоа и во другите регионални здравствени установи. Денеска беа потпишани протоколи за дисперзирана терапија.
Досега сите 835 пациенти на имуномодулаторна терапија ја подигаа или ја примаа на Клиниката во Скопје. Од нив, 491 живеат надвор од скопскиот регион и мнозина патуваа секој месец, често со придружник, вели министерот за здравство, Сашо Клековски.
Со протоколите посочува министерот, терапијата се воведува на Клиниката, а наредните дози се примаат во регионалниот центар, контролите се на секои шест или 12 месеци, со дигитален конзилиум, а во центрите се даваат и современите биолошки лекови, во субкутана форма.
До 692 пациенти (83%) ќе можат терапијата да ја добиваат поблиску до дома, а преминот е доброволен, со писмена согласност. Ова е модел за олеснување за пациентите, но и унапредување за здравствените работници во регионалните болници, чиј делокруг на работа се збогатува. И модел што може да се примени и во други области, како онкологијата, потенцира Клековски, упатувајќи благодарност до Клиниката за неврологија, до трите болници и до Здружението за мултиплекс склероза, чии долгогодишни барања добиваат одговор.
OhridNews













