„ Тероризмот, миграција, бегалци – современи предизвици за културните идентитети, наследство, економијата, туризмот и медиумите”, е тема на четвртата меѓународна конференција за културно наследство, економски развој, туризам и медиуми „ Охрид- Водици 2016“ што започна денес.

– Охрид низ целата своја историја бил средиште каде се преплетувале, цивилизациите и културите, при што секоја од нив оставила неизбришлив печат на своето време. Воден како од некоја невидлива рака, со поединечни историски проблесоци, нашиот народ успеал да сочува бројни артефакти за сите напластени слоеви, да го изгради својот идентитет како непрекинат континиум од сите цивилизациски достигнувања. Затоа Охрид денес со право го носи епитетот на уникатен и по многу нешта единствен град, со космополитски дух, во кој секој добронамерник се чувствува како во својот дом. Во вашите научни трудови на 4-та конференција со кои обработувате сериозни теми на нашето современие, верувам дека ќе може да се најде место и за нашиот Охрид, како модел каде економскиот развој, туризмот и посебно културниот идентитет функционираат и се развиваат како единствена, хармонична и универзална целина, рече во своето обраќање пред присутните заменик градоначалникот Ангел Јанев.

Конференцијата ќе трае до 19 јануари. Предвидени се 62 реферати од 14 земји. Како што потенцираат организаторите, за прв пат на конференцијата има учесници од 4 континети (Европа, Америка, Африка и Азија).

Пред започнувањето на конференцијата, во Куќата на Робевци беше отворена фото-изложбата „Славата на бреговите на Нил: Културното наследство на Египет“.

OhridNews