Бурни реакции предизвика интервјуто на главниот и одговорен уредник на националната тв „Сител“ со лидерот на СДСМ Зоран Заев во централниот Дневник на телевизијата.

Разговорот изобилуваше со навреди, меѓусебни обвинувања за криминали и недолично однесување. Социјалните мрежи вечерва се преплавени со коментари за интервјуто, во главно негативни. Од друга страна бројни се и „навивачките“ коментари на приврзаниците на владејачката партија и на опозицијата, меѓусебни препукувања и, за жал, многу говор на омраза. Не изостанаа и реакции на медиумската заедница. Познати новинарски имиња и истакнатаи професионалци изразија јавна осуда за ниското ниво на култура презентирано во телевизиското интервју и уривање на професионалните стандарди.

Големи реакции предизвика навредата на водителот Латас, кој во жестоката расправија на Заев му се обрати со зборовите: „Лажеш како Турчин“. На ова реагираа политички претставници и невладини организации на Турците во Македонија, кои побараа јавно извинување, што уследи во вториот дневник на „Сител“. Уредникот и водител на дневникот Дараган Павловиќ Латас изрази жалење за искажаните зборови и се извини.

-Мој гаф, во текот на Дневникот употребив израз дека Заев лаже како Турчин. Им се извинувам на сите Турци поединечно, како на турската нација, така и на турската држава. Напротив, сметам дека и турскиот народ и турската држава се големи пријатели на Република Македонија, особено во поново време, нивните граѓани во Рм се лојални и придонесуваат за сите позитивни процеси во државава и затоа жалам и се извинувам на секој Турчин кој се почуствувал навреден и ветувам дека тоа никако не може да се повтори, бидејќи тоа не е ниту мој став, ниту мое убедување, едноставно е мој гаф, рече Латас.

Што се однесува до интервјуто, во малкуте делови каде соговорниците не се навредуваа и меѓусебно напаѓаа, Заев обелодени дека до Специјалното јавно обвинителство биле поднесени над еден милион прислушкувани разговори. Водителот на гостинот му предочи податоци за наводна соработка со осомничени за аферата со фалсификување лични документи, како и за милионска заработка на фирми на фамилијата Заеви, што лидерот на СДСМ го негираше. Заев пак презентираше документи од кои наводно се гледа дека Латас е сопственик на цела планина, имот, како што беше кажано, вреден милиони евра. На ова уследи предлог за кладба од страна на водителот кон гостинот кој беше одбиен.

На интервјуто реагираа и претставниците на меѓународната заедница. Американскиот амбасадор Џес Бејли се огласи на Твитер.

“Фер и балансирано? Ве молам. Македонските медиумите можат многу подобро.” – напиша Бејли на Твитер.

Со став за интерјуто на својот твитер профил се огласи и амбасадорот на ЕУ Аиво Орав: “балансирано медиумско информирање???”.

OhridNews