ГФК Охрид Лихнидос се најде под лупа на јавноста по информации објавени во медумите за наводни сомнителни дејствија на контролниот меч одигран со Работнички во Скопје, кој домаќинот го доби со 8:2. Специјализирани спортски портали пренесуваат дека ФФМ покренала истрага за мечот поради наводни високи уплати во обложувалниците.
ГФК Охрид Лихнидос попладнево излезе со соопштение во кое ги негира таквите наводи обвинувајќи дека клубот е предмет на неоснован јавен линч. Соопштението го пренесуваме во целост.
Градскиот фудбалски клуб Охрид Лихнидос се оградува од сите невистини и јавниот линч кој што се случува во текот на денешниот ден. ГФК Охрид е амбициозен клуб и проект со највисоки цели а ние како клуб сме на пат да го оствариме тоа за што сведочат и досега остварените резултати со кои се наоѓаме на првото место во втората фудбалска лига. Професионална должност на сите медиуми е да ги проверат информациите пред истите да ги објават.
Во оваа прилика, би сакале да потенцираме дека во текот на целата сезона, ГФК Охрид беше цел на разни судиски неправди во голем дел од натпреварите а ние како клуб ниту еднаш не реагиравме и само сведочевме на нивната граница која што одамна беше надмината.
Ги повикуваме сите надлежни институции јавно да ги објават доказите за наводно примени пријави за сомнителни уплати и активности во текот на натпреварот со Работнички, во спротивно ќе сметаме дека ова е оркестриран напад од некој на кој што му пречи успехот на ГФК Охрид и ние како клуб сериозно ја разгледуваме можноста да превземеме соодветни правни механизми против сите инволвирани во оваа конструкција против нашиот клуб.
Всушност и во претходните денови, целокупната фудбалска јавност сведочеше на високи порази во контролните натпревари од страна на други екипи а никогаш не се постави прашањето околу некакви сомнителни активности.
ГФК ОХРИД секогаш се залага за фер и спортско однесување и никогаш не бил ниту ќе биде дел од некакви “задкулисни игри”.
ГФК Охрид им стои на располагање на Фудбалската Федерација на Македонија и на сите надлежни институции со цел правилно и целосно утврдување на фактичката состојба.
ГФК Охрид Лихнидос
Претходно денеска неколку екипи јавно соопштија дека ги откажуваат договорените подготвителни натпревари со КФК Охрид Лихнидос.
OhridNews












