Меѓусебни обвинувања со тешки зборови си разменија членовите на советот на општина Охрид на денешната седница, на која на дневен ред беа извештаите за работа на секторите и одделенијата на локалната самоуправа, јавните претпријатија, на територијалната противпожарна единица, полицијата и на образовните и други јавни установи во општината. Во жестоката расправа паднаа и сериозни обвинувања и најави за тужби.
Посебно жолчна беше дискусијата по извештајот за реализација на развојната програма за изработка на урбанистички планови за општина Охрид за периодот 2015-2017 година, во која советниците од власта и опозицијата анализирајќи ги состојбите се навратија на случувањата во оваа сфера во минатото, префрлајќи си како се носеле и како се носат урбанистичките планови и чии интереси се застапувале.
Советникот од ВМРО ДПМНЕ Климе Шешоски ја запраша опозицијата како советот во минатото, кога сегашната опозиција беше власт, го донел планот за изградба на станбениот комплекс кај старата автобуска станица и зошто не се изградила предвидената катна гаража.
Реплицираше советничката Верица Хајба, посочувајќи дека тој, како и многу други урбанистички планови во Охрид ги аминувал поранешниот министер на ВМРО ДПМНЕ, Миле Јанакиески.
Расправата до точка на вриење ја вжешти координаторот на споветничката група на ВМРО ДПМНЕ, Илија Арнаудоски, обвинувајќи дека урбанистичките планови поранешниот совет ги носел по принципот „еден глас – еден стан“, што предизвика бура од реакции.
Повторно се јави за збор советничката Хајба која побара јавно извинување од Арнаудоски, во спротивно најави тужба.
-Доколку не се извините ќе бидете тужен за клевета, затоа што ниту чаша вода не сум зела да гласам за било каква одлука на советот. – рече Хајба. Таа доби поддршка од неколкумина други советници од опозцијата кои исто така беа членови на совет во минатиот состав.
До извинување не дојде, а жолчната расправа ја прекина советникот на ЛДП Дејан Блажески со укажување дека се нарушува дигнитетот на советот.
-Советничкиот имунитет штити, но не дозволува изнесување клевети и навреди, затоа предлагам веднаш да се прекине расправата по оваа точка, бидејќи се нарушува дигнитетот на советот. – рече Блажески.
Неговиот предлог беше усвоен, а со гласовите на мнозинството Извештајот за реализација на развојната програма за изработка на урбанистички планови за општина Охрид за периодот 2015-2017 година, беше усвоен.
Широка расправа, во која исто така имаше меѓусебни обвинувања, се отвори и за Извештајот за реализација на програмата за образование на локалната самоуправа.
Советничката од СДСМ Оливија Пирузева Јанева изнесе загрижувачки податоци дека 277 паралелки во општина Охрид работат со помал број ученици од законскиот минимум. Таа рече дека инвестициите во образованието во Охрид се недоволни да се подобрат условите во училиштата и побара повеќе средства за реализација на наставните програми.
-Постојано училиштата бараат средства од родителите за тековно работење и тоа треба да престане, потребни се повеќе инвестиции од општината во образованието, рече Пирузева Јанева.
Советничката Жаклина Лазаревска од СДСМ потсети дека веќе три години Секторот за образование во локалната самоуправа нема раководител. Таа рече дека има недостаток од средства во образованието за подобрување на условите и непречено одвивање на настава, како и за реализација на натпревари, семинари и едукација на наставниот кадар. Посебно се задржа на проектот за меѓуетничка инклузија во општината кој, според неа, не ги дава посакуваните ефекти.
-Во ОУ „Братство и Единство“ се уште учениците Македонци и Албанци учат во различни смени.-додаде Лазаревска.
Таа ја критикуваше политиката на локалната самоуправа за решавање на статусот на наставниот кадар кој не е во редовен работен однос, посочувајќи дека законот дозволува на лицата со работен ангажман од 2 години да им се регулира работниот однос.
Таа, како и советникот од ВМРО Народна партија, Јоне Станкоски, се осврнаа на трошоците за превоз на ученици. Тие истакнаа дека постои разлика од по 2,5 милиони денари во трошоците за превоз на ученици и во основно и во средно образование во 2014 и 2015 година. Станкоски праша колку точно изнесува превозот по ученик до Велгошти и Пештани, изнесувајќи податоци дека регуларниот комерцијален превоз е неколкукратно поевтин од училишниот во овие населени места. Тој ја критикуваше општината дека во развој и подобрување на условите во образованието инвестирала само 16000 евра, како и дека се уште не е решен проблемот со блокираната сметка на ОУ „Григор Прличев“.
Реплицираше советникот од ВМРО ДПМНЕ, Ангел Јанев, кој рече дека не е точно оти општината инвестирала само 16000 евра во образованието, туку дека тој износ е поголем за 900000 евра колку што изнесува издатокот за плати на вработените во образовните установи во општината. Тој истакна дека само во 2015 година се одобрени десетици вработувања во образованието во Охрид. Според него советот треба да се обедини и да лобира седиштето на новиот универзитет „Дамјан Груев“ да биде во Охрид, со што според него ќе се решат многу проблеми во оваа сфера, а градот ќе има голем бенефит, што наиде на негодување кај опозицијата.
Во име на локалната самоуправа се обрати секретарот на општина Охрид Димитар Спасески, кој ги отфрли обвинувањата на опозицијата како неосновани.
-Тоа што секторот за образование нема раководител не значи дека не функционира. Напротив во овој сектор има одлични професионалци какви што посакува секоја институција, а директна контрола на работењето имаат градоначалникот и секретарот на општината. – рече Спасески.
Тој рече дека опозицијата од една страна непринципиелно ги напаѓа реформите на владата во образованието, а од друга страна душегрижнички ги дочекува истите кога е во прашање решавањето на статусот на кадарот со нерегулиран работен ангажман.
-Оваа локална сампуправа и овој градоначалник овозможија трансформација на работниот однос на десетици вработени во градинките и на други лица во образовните институции. Овој сектор ги исплаќа парите за проектите спроведени без основа и финансиска конструкција од минатата локална самоуправа за изборни цели и се залага идните локални самоуправи да не се соочат со такви проблеми во иднина.-рече Спасески.
Во врска со обвинувањата за висината на трошоците за јавен превоз на ученици, Спасески рече дека при доаѓањето оваа локална самоуправа наследила тендер од 38 милиони денари за таа намена, а истата спровела тендер за 23 милиони денари.
-За истиот јавен превоз и ист број на ученици 15 милиони денари помалку плати оваа локална самоуправа, а разликата ја употребивме за набавка на гориво за греење на училиштата и исплата на заостанатите долгови, бидејќи ниту еден економски оператор не сакаше да испорача гориво.-додаде Спасески.
Во врска со проблемот на ОУ „Григор Прлиќев“ чија сметка е блокирана поради имотно – правен спор, тој рече дека општината прави се за надминување на состојбата, забележувајќи и на минатата локална самоуправа што не ги обжалила тужбите кои подоцна довеле до активирање на судско извршно решение и блокирање на сметката на училиштето.
Расправата попладнево продолжи по останатаите точки. Инаку денешната седница има обемен дневен ред од 53 точки.
Г.М.