Центарот за јавно здравје со министерството за здравство од 1 јануари започнуваат со реализирање на превентивна програма за рано откривање на рак на дебело црево, заболување кое според бројот на заболени е на трето место во светот и кај нас. Во програмата освен Центрите за јавно здравје, како координатори на проектот, вклучени се и матичните лекари кои имаат добиено упатства и препораки за спроведување на оваа програма.

– Кои пациенти ќе ги вршат тестирањата ќе бидат определени од страна на матичните лекари. Тестовите кои го детектираат присуството на хемоглобин во измет ќе се прават во микробиолошката лабораторија на Центарот за јавно здравје во Охрид и подрачните единици во Струга и Дебар. Тестовите, епруветите во кои треба да се стави материјал од 3 последователни измети, се кај матичните лекари кои ќе ги упатуваат пациентите кои имаат индикации да ги прават овие тестови, информира директорот на охридскиот Центар за јавно здравје, Сашо Точков.

Земениот материјал ќе може да се остави за анализа во амбулантите на социјална медицина секој ден од 8 до 13 часот. Резултатите ќе бидат готови за половина час и ќе може да се подигнат од 13.30 до 14.30 секој работен ден. За подрачјето на Охрид, Струга, Дебар, Центар Жупа, Вевчани и Дебрца обезбедени се 900 тестови.

Пациентите ќе треба да пополнат и анкетен лист во Центарот за јавно здравје кој ќе биде обработуван од институтот за јавно здравје и министерството и по завршувањето на програмата се очекуваат резултати за тоа каква е состојбата со раното откривање на ова заболување.

Податоците од последните десеттина години покажуваат дека во општина Охрид нема драстично покачување на бројот на заболени од рак на дебело црево. Во 2007 година биле евидентирани 130 случаи, а во 2016 евидентирани се 175. Возраста на ризичната група на граѓани се движи од 55 до 64 години.

Т.К.