Потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи во изјава за телевизијата „Алсат М“ истакна дека принципот “победникот со победникот“ не е спомнат во Мајскиот договор од 2007 година. Арифи смета дека по изборните резултати, неправедно би било нејзината партија да се повикува на овој принцип, бидејќи го нема легитимитетот на албанските гласачи.

„Тој договор има пет точки, а во петтата точка се вели дека по надминувањето на кризата и по враќањето на ДУИ во Собранието ќе се разговара за формите на составување на влада. Значи не е прецизен. Тоа во овој момент е тешко да се спроведе или речиси е неспроведливо, со оглед на фактот што тоа не се подразбира на прецизен начин, таму не е прецизирано дека треба да имаме две јасни мнозинства. Тргнувајќи од фактот дека ние немаме апсолутен легитимитет за спроведување на овој принцип, тоа е многу тешко да се спроведе“. – изјави за „Алсат М“ Теута Арифи- потпретседателка на ДУИ

За разлика од неа, портпаролот на ДУИ, Бујар Османи вели дека почитувањето на овој принцип е многу важнo. Сепак Османи појаснува дека освен коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, се анализираат и разгледуваат и други опции.

“Прва опција е коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. За тоа има аргументи “За“ и “Против“. Главниот аргумент “За“ и можеби единствената причина зошто преговараме за можна коалиција е токму тој важен принцип, “победникот со победникот“. – изјави Бујар Османи, портпарол на ДУИ

Од друга страна, универзитетскиот професор, Мерсим Максути, за „Алсат М“ изјави дека ако тоа не е пишано правило и не е преточено во закон, тогаш принципот “победникот со победникот“ е непостоен. Според него, дури и да беше тоа во форма на закон, тој принцип сега е невалиден, бидејќи ДУИ не доби доволно гласови за да биде застапник на мнозинството.

„Бидејќи овој договор во мај 2007 година не бил објавен до сега, не бил потпишан од политичките лидер и не е претворен во закон, во правен акт како Договорот од Пржино, тогаш претставува неефективен договор, непостоен кој не треба да се почитува. Принципот дека победникот со победникот можат да прават влада, во конкретниот случај ВМРО и ДУИ не е стабилен бидејќи демократијата бара влада да прави мнозинството“. – изјави Мерсим Максути, професор

Зборувајќи за Мајскиот договор и за принципот “победникот со победникот“, самиот премиер Никола Груевски во 2007 година изјави дека станува збор за усмен договор кој нема тежина на документ.

OhridNews
извор: „Алсат М“