Во спортската сала „Билјанини Извори“ синоќа со одлична атмосфера и голема спортска енергија заврши уште едно успешно издание на турнирот во футсал Ohrid FREED 2025.

Финалната вечер, која се одржа во чест на Денот на ослободување на Охрид – 7 ноември, донесе вистински спортски спектакл и два возбудливи натпревари исполнети со страст, борба и фер-плеј дух.

Во натпреварот за третото место ЈП Охридски Комуналец успеа да ја совлада екипата на Гостилница кај Мече со 3:2, освојувајќи го заслужено третото место.

Во интересно финале, тимот на АСП ПАК извојува победа над силниот состав на ГРАНИТ X со 6:4, со што го освои престижниот трофеј и стана шампион на турнирот Ohrid FREED 2025.

ЈП „Билјанини Извори“ изразува голема благодарност до сите учесници, гледачи, поддржувачи и соработници кои помогнаа во реализацијата на ова спортско издание. Посебна благодарност, велат, изразуваат и до Општина Охрид, како и до сите спонзори и медиуми кои дадоа свој придoнес во организацијата на турнирот.

Со завршувањето на турнирот Ohrid FREED 2025, уште еднаш се потврди дека спортот ги обединува луѓето и создава незаборавни моменти. Најавуваме дека следното издание во 2026 година ќе донесе уште поголема конкуренција, нови изненадувања и уште подобра спортска приказна, велат од претпријатието.

OhridNews