Тимови од Црвен крст Охрид ги запознаваа охриѓани со техниките и начините за укажување прва помош, а по повод одбележувањето на Светскиот ден на првата помош.
Како што посочуваат од организацијата првата помош претставува витална иницијална интервенција која помага во намалување на повредите и зголемување на шансите за преживување во настанатата ситуација во која животот на поединецот или група на луѓе е во опасност.
Секоја година на милиони луѓе им е нанесена повреда или им е одземен животот поради несоодветен одговор или недостаток на навремено укажана прва помош. Ситуацијата би можела значително да се промени доколку повеќе луѓе се свесни за значењето и правилно се обучени за укажување на прва помош, велат од Црвен крст Охрид.
Поседувањето на вештини за укажување на прва помош, додаваат од Црвен крст Охрид ги зголемува индивидуалните капацитите на секој човек за преземеање на брза акција со цел намалување или стабилизирање на сериозни повреди и ги зголемува шансите за преживување на повредени.
Хуманоста голем број наши сограѓаните денес можеа да ја изразат и преку дарување крв на крводарителската акција под мотото ДАЈТЕ КРВ! РАЗУБАВЕТЕ ГО ДЕНОТ СЕБЕ СИ И НА ДРУГИТЕ!.
Светскиот ден беше одбележан под темата „Прва помош достапна за сите! Прва помош во дигиталниот свет“.
Н.С.Ј.