Тимската хемија, другарството во екипата и напорните тренинзи се тајната на успехот на охридските ракометари кои имаат брилијатни резултати и натпревари во Супер лигата сезонава.

Секојдневно пред и после тренинг и во текот на денот ракометарите на Охрид се заедно што дополнително ја подгрева атмосферата во екипата.

– Немаме тајни, сите сме како еден затоа и така добро функционираме. Се дружиме сите, излегуваме заеднички, прославуваме заедно и ќе тагуваме ако треба заедно. Неколкуте победи во серија ја кренаа самодовербата на целата екипа до максимално ниво, што почна да делува и нашиот противник. – рече Горан Печенковски.

Ресенчанецот во екипата сезонава игра во врна форма и е двигател на играта во напад на охриѓани. Тој одлично се вклопи во составот по повредата на Мите Караиванов уште на стартот од сезоната.

– Пребродувањето на повредата од Караиванов ја покажа нашата ментална подготвеност сезонава. Се додека функционираме како тим нема некое отсуство што ќе не поремети. Со него во составот во пролетниот дел од полусезоната ќе бидеме уште посилни, што ќе ни треба бидејќи ќе не очекуваат многу потешки мечеви. – додаде Печенковски.

Охриѓани со девет победи во единаесет натпревари се наоѓаат на втората позиција со шест бодови од лидерот Металург и со три бодови предност од третопласираниот Прилеп кој има натпревар повеќе.

Ohridnews