Да се воведе категоризација кај приватното сместување и туристичката такса да се наплаќа согласно категоријата – е иницијативата на секторот за локален економски развој за чија реализација побарана е поддршка од охридските пратеници со цел да се издејствуваат  измени во законот за наплата на туристичка такса.

Како што нагласува раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов, по примерот на категоризација кај хотелското сместување, треба да се изврши и категоризација кај станоиздавачите од мал обем, односно апартманите и собите кои се издаваат да се групирани во четири категории.

Приватните станови и апартмани кои се издаваат се поделени  во само две категории- стандард и комфорт.  Тоа не е реален одраз за она што го нудат, бидејќи меѓу една обична соба која задоволува минимални услови за добивање лиценца за издавање  и суперлуксузните апартмани,  разликата  е само една ѕвезда. Затоа, треба да има барем четири категории, смета Апостолов.

Втората измена на законот која ја иницира ТЛЕР е износот на туристичката такса да се пресметува согласно категоризацијата.

Нема логика туристичката такса да е линеарна и кај хотелите со 4 ѕвезди кои изнајмуваат соби за многу повисоки цени и кај приватните станоиздавачи кои издаваат за многу пониски цени. Во соработка со министерството за економија треба да изнајдеме начин за поделба на туристичката  такса согласно категоризацијата, објаснува раководителот на ТЛЕР.

За наредната туристичка сезона од ТЛЕР најавуваат и субвенционирање на туристичката такса со цел да се избегне прикривањето на бројот на ноќевања од страна на станоиздавачите.

Т.К.