Ќе се казнуваат станоиздавачите кои нудат некатегоризирани станови и апартмани на интернет страници кои тие ги креирале. Како што потенцираат од Секторот за туризам  и локален економски развој, понудата на станови и апартмани мора да се врши преку туристичка агенција или туристичко биро.

Години наназад бројни станови се издаваат нудејќи се на интернет страници, на кои може да се забележи еден телефонски број преку кој може да се изнајми некој од понудените станови.При тоа, неретко се случува гостите преку интернет да се спогодиле за еден стан, но кога ќе пристигнат во Охрид да им биде кажано дека ќе престојуваат во друг, кој воопшто не одговара на нивните потреби. Поради тоа се принудени првиот ден од нивниот одмор да го поминат во потрага по соодветно сместување.


Станува збор за лица кои за одредена провизија посредуваат во изнајмувањето на становите, а при тоа се избегнува плаќањето на данок и всушност работат на црно. Од наша страна, во координација со општинскиот инспекторат тие листи се контролираат и согласно законот се преземаат соодветни санкции, вели Илкер Мустафа од ТЛЕР .

Од ТЛЕР потеницраат дека нивните напори се насочени токму во сузбивање на ваквиот вид нелојална конкуренција, која го руши и имиџот на градот пред странските гости.

Затоа, велат од таму, тенденција е по пат на категоризацијата која се врши веќе пет години, да се воспостави ред во приватното сместување, а со тоа и гостите да не се соочуваат со непријатни изненадувања кога ќе пристигнат во градот.


При категоризирањето ние се водиме според правилникот на министерството  за економија и согласно законот собите, становите и куќите се категоризираат со прва и втора категорија- стандард и комфорт или со една и две ѕвезди. Апартманите се категоризираат со една до 4 ѕвезди, а петтата е туристичка  резиденција што во Охрид сеуште нема. Секој апартман мора да располага со соба за дневен престој, спална соба, кујна и купатило. Студиото пак, да има  соба со кујна.  Не смее да се поистоветуваат соби за одмор со студио или пак со апартман, вели Мустафа.

Во тек е прекатегоризирањето на приватното сместување. Согласно законот за угостителска дејност секој станоиздавач мора да го продолжи решението за категоризација кое трае три години. Доколку тоа не се продолжи, ќе значи дека  станоиздавачот работи нелегално.

Според податоците на ТЛЕР во Охрид досега се евидентирани 2000 категоризирани станови и апартмани.

OhridNews