Парите за техничка реализација на Охридскиот пливачки маратон сé уште не „легнати“ на сметката што во голема мера го отежнува организирањето на оваа спортска манифестација, велат од ПК Охридски Бранови, кој е технички организатор на маратонот, што треба да се плива в сабота. Охриѓани велат дека добиле абер дека Пливачката федерација на Македонија (ПФМ) ги обезбедила парите.

-Тие се неопходни за обезбедување на сета онаа флота која е придружен елемент на секој маратон. Претешко е за нас, секоја година се соочуваме со истите проблеми, немање доволно пари и донесување одлуки во последен момент. Што се вели, секоја година за маратонот имаме по 20 нови бели влакна на главата. Луѓето мора да сфатат дека ова е единствената манифестација во Македонија на која се натпреварува кремот на светските спортисти – вели директорот на трката Сашо Точко.

За 24. Охридски пливачки маратон пријавени се 26 натпреварувачи, 16 во машка и 10 во женска конкуренција. Во машка конкуренција главен фаворит е осумкратниот победник Бугаринот Петар Стојчев, додека кај девојките ќе има нов победник со оглед на тоа што минатогодишната победничка Камила Фредијани не се пријави за трката. Желбата на водечките е конечно да го победат неприсконовениот Стојчев во Охрид.


Стартот на трката останува од Свети Наум, и покрај желбите стартот да биде од Поградец, Албанија.

Поради меѓународните стандарди и краткото време да се обезбедат дозволи се откажавме за годинава, но сигурно дека в година посериозно ќе ја разгледаме оваа опција – истакна директорот на трката.

Вообичаено безбедноста на пливачите е во прв план за охриѓани, кои како технички организатори ги преземаат сите мерки за сé да помине како „по вода“.


Во овие неколку дена што преостануваат останува на нас да ги финализираме подготовките од самото обележување на патеката, преку обезбедување доволен број медицински лица, екипи на спасители на вода, пловни објекти… Апелиравме до сите кајчари кои ќе бидат дел од маратонот да ги имаат регистрирано своите кајчиња – истакна Точко.


Охридскиот пливачки маратон кој е во гранпри-серијата, по неколку години повторно ќе се одржи во традиционалниот термин, во август, што наиде на поздравување кај охридската јавност и кај угостителите. Една од желбите на охриѓани е маратонот да се организира на 9 август, кога е ден на патронот на градот св. Климент Охридски.

Не може да влијаеме на терминот на одржување, бидејќи тој го одредува ФИНА. Во секој случај користа за Охрид од пливачкиот маратон е голема, оти е можност да се привлечат повеќе гости и туристи во овој период од годината кога не е шпицот на сезоната. Овој период е и последната граница од кога се очекува езерото да се бранува – вели Точко.

Вајлд-карта за Димоски

Игор Димовски, кој пред неколку дена го преплива каналот Ла Манш, со што стана само четвртиот Македонец кому му успеало тоа, е неизвесен за настап на Охридскиот маратон. Листата е затворена, а за евентуалниот негов настап ќе одлучи Пливачката федерација на Македонија. Доколку федерацијата му дозволи, тој може да се појави на стартот со т.н. вајлд-карта (покана). Клубот е само технички организатор и не ја прави листата на натпреварувачи.

М.Постоловски