Недостигот на кадар во охридските градинки е проблем кој се провлекува години наназад, а особено се актуелизира деновиве по заминувањето на десеттината воспитувачки, чиј ангажман заврши на 31- ви март, согласно претходно потпишаните договори за работа на дело. Како што објаснува директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, Марина Петроска Тодороска, нивното ангажирање во месец ноември било неопходно по доградбата на централниот објект и формирањето на новите пет воспитни групи.


    
– Со помош на локалната самоуправа, а  преку Агенцијата за вработување ангажиравме неколку лица со соодветна стручна подготовка кои потпишаа договори на дело кои завршуваа на 31- ви март. Со завршување на тој период, ним по автоматизам им прекинува ангажманот. Во меѓувреме имаше избори и промена на локалната власт, па сеуште не е ништо решено.Се надевам дека за скоро време ќе оствариме средба со градоначалникот со цел да поразговараме околу проблемот за кој веќе се информирани во секторот за јавни дејности. Се надевам дека ќе изнајдеме заеднички јазик за да се реши проблемот и со локалната и со централната власт, вели Тодороска.

Директорката додава дека за нормално функционирање на сите пет објекти во рамки на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ потребно е да се реши работниот статус на околу 50 лица од сите профили, работни места кои во текот на изминатите десет години се празнеле врз основ на пензионирање или смрт, но не се пополнувале поради антикризните мерки и рецесии, поради кои не се дозволувале вработувања.


–    Поради постојаното зголемување на барањата за згрижување на деца во градинките и се поголемата потреба од кадар, во изминатиот период дел од испразнетите места се пополнуваа со ангажирање на стручни лица со договор на дело или со волонтери кои работаат за одреден надомест, а сето тоа со одобрение на министерството за труд и социјални работи. Или пак, како што беше последниот случај со ангажирање лица преку Агенцијата за вработување, вели Тодороска.

Таа потенцира дека и покрај недостигот од кадар, децата во охридските градинки се соодветно згрижени и дека нема место за паника кај родителите.

Во моментов во ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ се згрижени 770 деца, а уште 30 чекаат да бидат примени.