Министерот за образование и наука, Никола Тодоров на денешната прес конференција изјави дека ги поддржува професорите и деканот на ФТУ во Охрид кои се противат на предлогот на локалната самоуправа која во Нацрт Деталниот урбанистички план за локацијата каде се наоѓа институцијата се предвидува пренамена на просторот од образование во времено сместување, односно хотелско – угостителска дејност.

„Мојот став е дека образованието во една земја е врвен општествен интерес. Јас како министер за образование и наука нема да дозволам тој општествен интерес да биде загрозен од лични бизнис интереси на поединци или  на групи. Односно безрезервно го поддржувам револтот и реакцијата на деканот и професорите на факултетот во Охрид. И нема да дозволам, ќе ги искористам сите мои капацитети и надлежности да не дозволам вакво нешто да се реализира“ вели Тодоров.

За ова ќе се расправа на советот на општина Охрид на претстојната седница на 29-ти јуни, што беше повод Управата на факултетот вчера да одржи вонредна седница на која едногласно била отфрлена иницијативата на градските власти.

OhridNews
извор: „Макфакс“