Министерот за здравство Никола Тодоров и претставниците на синдикатите за здравство постигнаа договор околу повеќе клучни прашања, по што штрајкот на лекарите се става во мирување.
-Постигнат е договор штрајкот на докторите да се стави во мирување, изјави денеска министерот за здравство. Тој посочи дека на средбата било договорено секоја здравствена установа да има администратор, кој ќе ги внесува бодовите за сработеното, моделот на плаќање по успешност да биде квартален, со што ќе се намали можноста за санкции, а директорите да имаат обврска да им овозможат на лекарите да сработат доволно.
Договореното, како што истакна Тодоров ќе се регулира со анекс на колективниот договор, кој ќе биде потпишан до крајот на оваа неделата.
Претседателот на Самостојниот синдикат на клинички центри и другите здравствени организации Дејан Ставриќ потврди дека штрајкот се става во мирување и дека е постигнат договор за поголем дел од барањата на лекарите.
На средбата, станало збор и за зголемување на платата на докторите.