Министерот за здравство, Никола Тодоров и Самостојниот синдикат на Клинички центар очекуваат за десетина дена или две недели да се најде конечно решение за моделот за плаќање по учинок, поради кој речиси месец дена штрајкуваат лекарите.

Како што изјави Тодоров, по денес одржаната заедничка средба со претставниците на независните синдикати на лекарите,  се разговарало за воведување на американскиот модел, односно квартално плаќање по учинок што би значело средната вредност од учинокот во трите месеци, да се исплаќа наредните три месеци.

– Разговараме за еден модел, квартално плаќање на учинокот и се трудиме од страна на двете страни да овозможиме принципите на двете страни да не бидат повредени, односно да победат принципите и на реформата, но и на барањата на другата страна, на штрајкувачкиот одбор и на некој начин сите да излеземе со подигнати глави од оваа немила ситуација во која се најдовме, изјави Тодоров.

Дали ќе има зголемување на платите на лекарите се уште не се знае.

Претседателот на Самостојниот синдикат на клиничкиот центар, Дејан Ставриќ изјави дека е добро што се седнало на маса да се разговара и дека се дадени понуди околу кои ќе се разговара. Сепак, штрајкот на лекарите продолжува  се додека не се постигне некаков извесен договор.