Во новата македонска влада министер за здравство ќе биде досегашниот министер за образование Никола Тодоров, а за  надворешни работи актуелниот амбасадор во Европската Унија, Никола Попоски.

„Макфакс“ повикувајќи се на свои извори објави дека министер за земјоделие ќе биде Љупчо Димовски, а дел од новиот владин состав ќе бидат  и досегашните министри Зоран Ставрески, Гордана Јанкулоска, Елизабета Канческа Милевска и Владимир Пешевски.

Од партиски извори дознаваме дека Ваљон Сарачини е изборот на ДУИ, за нов министер за економија,  Фатмир Бесими се сели во Министерството за одбрана, а во министерството за правда доаѓа, Блерим Беџети, актуелниот градоначалник на Сарај, а Теута Арифи вице-премиер за евроинтеграции.

Муса Џафери ќе биде вице-премиер за рамковен договор на местото на Абдулаким Адеми, кој ќе седне во фотелјата на Министерството за екологија.

По подадената рака меѓу Али Ахмети и Никола Груевски во вторникот, вечерва во скопскиот хотел “Континентал“ ќе заседава  централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по кој најверојатно ќе биде познат целосниот состав на новата влада.

OhridNews
извор: „Макфакс“