Утре започнува 48. меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, која ќе се одржи во Охрид и која има веќе скоро полувековна традиција. Проф. д-р Станислава-Сташа Тофоска од Катедрата по македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ – Скопје, која воедно е и координаторка на лингвистичката секција на Конференцијата, во разговорот за OhridNews, потсетува на целта и почетокот  на организирање на Меѓународната научна конференција.

Нашите професори, уште на почетокот на одржувањето на Летната школа на Семинарот на која се изучува македонскиот јазик, почувствувале потреба и од едно научно претставување на истражувањата поврзани со македонскиот јазик и размена на мислења меѓу странските и домашните лингвисти. Така, веќе од Седмиот семинар  за македонски јазик, литература и култура, од 1973 г., во негови рамки почнува да се одржува и Научната конференција (долго време позната како Научна дискусија на Семинарот), на која биле поканети и учествувале многумина светски познати странски слависти и македонисти, што секако и ние денес се обидуваме да го направиме. Но, Конференцијата, исто така, има и имала цел да привлече што поголем број на млади научни работници што би работеле на полето на македонистиката. Сметаме дека и на тој план го продолжуваме патот трасиран од нашите претходници, нашите професори, па иако времињата се променети, сепак имаме еден солиден број на помлади лингвисти, слависти и балканисти од странство кои се занимаваат со македонскиот јазик посебно или во своите пошироки славистички и балканистички истражувања го вклучуваат и македонскиот јазик, вели Тофоска.

Меѓународната научна конференција секогаш работи во две секции – лингвистичка и литературна. Оваа година координатор на секцијата за лингвистика е проф. д-р Станислава-Сташа Тофоска, а на секцијата за литература и култура – проф. д-р Трајче Стамески.

Со оглед на тоа дека ова е годината кога одбележуваме 100 години од раѓањето на Блаже Конески, една од најзначајните личности за оформување на македонскиот јазик, литература, култура и воопшто за културниот подем на Македонија, заедничката главна тема на конференцијата е „100 години од раѓањето на Блаже Конески – стожер на македонскиот јазик, литература и култура“. Во рамките на секоја од секциите има тема којашто му е посветена токму на Блаже Конески,  но е поконкретизирана и прецизирана. Во лингвистичката секција тоа е темата  „Лингвистичките трудови на Блаже Конески како инспирација за проучување на македонскиот јазик“, а во литературната секција темата гласи „Уметничкиот и книжевно-научниот универзум на Блаже Конески“. Во рамките на Конференцијата, секогаш постои и една „вечна“ општа тема, а тоа е „Македонскиот јазик наспрема другите јазици“, односно „Македонската литература наспрема другите литератури“ зошто токму тоа овозможува пошироко вклучување и на други лингвисти и литерати во споредбеното проучување на македонскиот јазик и литература со другите словенски и несловенски  јазици и литератури, вели Тофоска.

 

„Во лингвистичката секција се пријавија за учество 40-тина учесници, од кои повеќето сакаа и планираа да учествуваат во живо, да се сретнат со своите колеги и да разменат мислења, ставови, искуства, но за жал поради општата ситуација со пандемијата од Ковид 19, многумина се префрлија за учество онлајн. Посебните мерки придонесоа за реорганизирање на програмата во насока на тоа еден ден да се работи во живо, со тие што ќе дојдат во Охрид, а вториот ден онлајн. Се потрудивме и оние што нема да присуствуваат да можат да ја следат програмата од првиот ден преку платформата Зум“. Во лингвистичката секција има 14 учесници од странство: од Русија, САД, Јапонија, Франција, Полска, Србија и Хрватска и 20-тина домашни учесници и тоа од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, од Универзитетот во Битола и други самостојни истражувачи, додава Тофоска.

Во литературната секција се имаат пријавено околу 30-тина учесници, домашни –од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, од Институтот за македонска литература, од Филолошките факултети од Штип и Тетово, лектори при УКИМ, како и странски од Универзитетот „Ломоносов“ од Москва, до Универзитетот во Ниш, во Љубљана, во Осијек, во Приштина и др.

И двете теми на Научната конференција се многу важни. Темата за Блаже Конески поради важноста да му се оддаде почит и признание на огромниот влог на Конески во сè она што значи македонски јазик, литература и култура, но и како можност Конески да се препрочитува, бидејќи од него секогаш може да се научи уште нешто. Секое повторно читање на Конески ни открива по нешто ново. Но и темата „Македонскиот јазик и литература наспроти другите јазици и литератури“ е особено важна, затоа што овозможува пошироко претставување на македонскиот јазик и македонската литература, нивно контрастирање со другите јазици, литератури и култури, значи и рамноправност во поставеноста на картата на јазиците на светската сцена, едноставно придонесува за афирмација на македонскиот јазик и на македонската литература“, вели Тофоска. 

Проф. Тофоска додава дека ваквите научни конференции придонесуваат за соработката со странските колеги, за запознавање на повеќемина со лингвистичките проучувања на македонскиот јазик, но и можност за понатамошно проширување и продлабочување на истражувањата поврзани со македонскиот јазик. Самата соработка може да резултира со заеднички проекти кои секако би биле значаен придонес кон афирмација на македонскиот јазик, литература и култура.

Од Конференцијата ќе биде објавен и зборник, којшто се очекува да биде една од најзначајните научни публикации за делото на Конески, што ќе произлезат од активностите оваа година, по повод стогодишнината од неговото раѓање.

 

Н.С.Ј.