Стручњаци, наставници, родители и средношколци дискутираа за препознавање на токсичните односи, нивното влијание врз менталното здравје и начините за создавање побезбедна и поподдржувачка средина за младите на завршната трибина од проектот „Здрави врски – основа за ментално здравје“, реализиран од Здружението „Доверба“ Куманово со поддршка на Екуменска иницијатива жени од Омиш, Хрватска.

Трибината, одржана во Охрид, ги обедини младите, родителите, наставниците и стручните лица околу една сè поактуелна тема – препознавањето на токсичните врски и нивното влијание врз емоционалната благосостојба и психолошкиот развој на младите.

Модератор на настанот беше академик проф. д-р Љупчо Кеверски, а како панелисти учествуваа педагогот Андријана Паскали и психолозите Анѓелина Соколовиќ и Алберта Гулицовска. Преку своите излагања и дискусијата со присутните, тие отворија бројни прашања поврзани со емоционалната писменост, границите во односите, влијанието на семејството и училиштето, како и потребата од навремено препознавање и надминување на токсичните облици на однесување.

Во рамките на проектот беа реализирани активности во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, како и во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ и ОСТУ „Наце Буѓони“ во Куманово. Преку работилници, врсничка едукација, информативни материјали и јавни настани, младите стекнаа знаења и вештини за препознавање на здрави и нездрави односи и за заштита на сопственото ментално здравје.

Особено значаен придонес дадоа врсничките едукаторки, кои преку работа со своите врсници покажаа дека младите можат да бидат важни носители на позитивни промени во училиштата и локалната заедница, велат од Здружението „Доверба“.

Воедно истакнуваат дека трибината отвори важни прашања и поттикна поголема свесност за потребата од градење здрави врски, меѓусебна почит и навремена поддршка на младите, бидејќи токму квалитетот на односите е една од клучните основи за добро ментално здравје и здрав развој.

OhridNews