Повремениот македонски репрезентативец Гоце Толески, интернационалната кариера ќе ја продолжи во чешката Млада Болеслав.

За охриѓанецот, Болеслав ќе биде четвртиот клуб за кој ќе настапува во Чешка. Авантурата ја започна во Мост, каде постигнатите погодоци беа доволна препорка да замине во гигантот Славија од Прага.

По шестте минати месеци тој се закити со титулата во националното првенство. Во наредната сезона беше позајмен на Сигма, а откако не успеа да се наметне во дресот на “сините“ се врати во Македонија каде со Ренова исто така ја освои титулата.

 – Потпишав договор на два месеци, кој потоа очекувам да биде продолжен до крајот на сезоната – рече Толески кој викендов стави потпис на договорот, а во вторник треба да му се стави на располагање на тренерот Карел Станер.

Млада Болеслав по десет одиграни рунди со 16 освоени бодови се наоѓа на четвртото место. Со потписот на Толески ќе се зголеми македонската колонија во чешкиот тим, каде уште е и младинскиот репрезентативец Владимир Димитровски.

М.П.