За време на лов на риба за потребите на вештачкоот мрест во Охридско Езеро уловен е „Толстолобик“ – слатководна риба со потекло од Кина. Оваа го тврдат рекреативните риболовци од СРД „Св. Апостол Петар“, според кои, примероци на толстолобик со просечна тежина од над 2 килограми се уловени во Радожда, Пештани и на Далјанот во Струга.
-Толстолобикот никогаш го немало во Охридско Езеро и во целиот Јадрански слив. Од каде овој вид на риба се појави во Охридско Езеро засега сите релевантни фактори молчат почнувајќи од научни институции и Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Кинескиот толстолобик го има во некои води во Македониjа како Велешко и Крушевско Езеро и во некои помали акумулации. Но како оваа риба се најде и е уловена на три локации во Охридското Езеро и тоа од страна на научна институција која врши лов на охридска пастрмка за вештачки мрест останува енигма. – вели Радован Димитриевски од СРД „Св. Апостол Петар“.
Во Европа и во Македонија има два вида толстолобик, сив и бел. Го карактеризира тоа што расте брзо, многу јаде а цревата му се 15 пати подолги од неговото тело. Има широко тело, од страните сплоснато, главата му е исто така широка и со дебело чело, затоа и го добил името по рускиот збор („толстиј лоб“ – дебело чело). Се храни претежно со фитоплакнтон, алги и едноклеточни организми, објаснува Димитриевски.
– Како толстолобикот како нов, неавтохтонен вид риба ќе се одрази на целокупната флора и фауна на Охридското Езеро никој не знае. Оваа грешка веќе не може да се исправи, како и многу други грешки во водите на Република Македонија. Засега научните институции молчат но толстолобикот се храни со фитопланктон кој е и основна храна на охридската белвица и пастрмка. – додава Димитриевски.
Рекреативните риболовци од СРД „Свети Апостол Петар“ бараат јавноста да биде известена што се случува со Охридското Езеро.
OhridNews