Томе Гиноски е роден на 12 јули 1955 година во Струга. Оженет е и татко на Јован, студент во шеста година на медицина. Лекар е по професија, а себе си се опишува како скромен и обичен човек, посветен на семејството, пациентите и работата

ОHRIDNEWS: Господине Гиновски, во изминатот четиригодишен мандат бевте советник во општинскиот совет. Што ве поттикна да  и се пријавите и за градоначалничката трка?

ГИНОСКИ: Мотивите да се кандидирам за градоначалник се од лична  природа и сосема се искрени. Се работи за една дефиниција на Светската здравствена организација за тоа што е здравје. Имено, здравје е отсуство на физичко и  психичко нарушување но и присуство на материјална и социјална благосостојба. Веќе 30 години работам на  првите два проблеми, редовно и успешно. Тоа го знаат и моите пациенти, па затоа одучив,по ваквиот ангажман да поработам  и на третиот сегмент- на материјалната благосостојба и социјалниот статус на моите сограѓани. Мислам дека сум на зрела возраст кога можам повеќе да продонесам во подобрување на материјалниот стандард и воопшто на живеењето.

OHRIDNEWS: Што ќе им понудите на охриѓани ако седнете на градоначалничката фотелја?

ГИНОСКИ: Основно што ќе им понудам е чесност и посветеност. Чесност во смисла дека се она што ќе се гради во Охрид, се она што ќе се инвестира во подобрувањето на инфраструктурата, ќе биде  транспарентно и без никакви последици, без матни зделки, без матни договори, без профитери и слично. Тоа е она што сигурно ќе го реализирам. А секако, понатаму ќе се зафатиме со многу сериозни проблеми кои што се на товар на градот, а тоа се, се поголемата нагрденост на централното градско подрачје и на Охрид во целина, се поголемата еколошка девастација на езерото, така што, стратешки, тоа се  моите определби -стоп за урбаната и еколошката девастација на градот.

OHRINEWS: Дали имате испланирано крупен, капитален проект за градот, со кој ќе се претставите пред гласачите во рамките на изборната кампања?

ГИНОСКИ: Се разбира дека имам и капитални проекти кои ќе се обидам да ги реализирам доколку граѓаните ми ја укажат довербата да бидам градоначалник во  идниот период од четири години. Пред се, тие ќе бидат на планот на екологијата и на заштитата на урбаниот изглед на градот. Она што се нарекуваат урбани икони на градот ќе треба  да се заштитат, како на пример, реанимација и ревитализација на хотелот „Палас“ и на целиот тој комплекс на крајбрежјето кој долги години е црна дупка во центарот на градот. Тука се и еколошката заштита на зелените површини, на спортско-рекреативниот центар, на охридското блато…

OHRIDNEWS: Бидејќи сте  кандидат за прв човек на Охрид, кој треба да се справи со сите проблеми на локално ниво, но и да внесе современи текови во општината, кажете ми, дали процесот на децентрализација им овозможи доволно одврзани раце на општините?

ГИНОСКИ: Апсолутно сум поборник на  тезата дека општините би требало да работат далеку посамостојно отколку што сега тоа им го дозволува актуелниот закон. Значи, не само вербална децентраизација, туку децентрализација на дело. Општините мора да имаат ингеренции во сите сфери на живеењето. Тие, практично, треба да бидат локални единици, локални државни заедници во мало. Секако дека централната власт ќе има одредена улога, но највитално заинтересирани се граѓаните на одредена територија, на одредена општина. Според тоа, тие најдобро знаат што им треба и во колкава мера ќе можат да го реализираат тоа. И се разбира, дека ќе биде подобро доколку  законот ги прошири  ингеренциите на локалната самоуправа и на градоначалниците на општините во Република Македонија.

OHRIDNEWS: Општината не влезе во втората фаза од фискалната децентрализација….

ГИНОСКИ: За жал, не влезе  заради некои несредени финансиски состојби и тоа ќе биде еден од главните проекти. Прво што ќе се заложиме, ќе биде согледувањето на економската ситуација во општината и односите помеѓу доверителите. Треба да се евидентираат должничко-доверителските односи, дали сеуште ќе бидеме под хипотека на Гранит, Трудбеник и на други доверители. Неопходно е, таа работа еднаш засекогаш да ја  решиме и со чисти сметки да продолжиме натаму.

OHRIDNEWS: Вашите заложби за развој и унапредување на туризмот се…

ГИНОСКИ:  Туризмот ќе биде основна гранка во Охрид, но не и единствена. Се сеќавате, Охрид беше еден од попознатите индустриски центри не само во Македонија, туку и во поранешната југословенска држава. Ние имаме маса на фабрики кои од туку така се распаднаа како што се Застава, ЕМО, Братство, Слобода, ОТЕКС, и ред други кои беа темел на охридското стопанство. Туризмот ќе се развива, но мојата визија за Охрид е, градот да биде елитен туристички центар. Тоа треба да биде долгорочна визија на секој градоначалник. Охрид не смее да биде место за клошарски туризам. Во таа насока, ќе бидат изградени, односно ќе бидат понудени соодветни локации за градба,  на луѓе со бренд во светот, луѓе кои ќе можат да придонесат за имиџот на Охрид и за привлекување гости од висок ранг. Тоа ќе го постигнеме на повеќе начини.

OHRIDNEWS: Размислувате како да привлечете странски инвестиции?

ГИНОСКИ: Она што му е насушно потребно на охридското стопанство се странските инвестиции или таканаречените „грин филд“ инвестиции. Тоа се најдобрите што можат да постојат. Ние како партија и јас како личност, имаме идеја да привлечеме инвестиции и во областа на туризмот, и во областа на градбата на хотелско-туристичките  капацитети. Значи, би имале бенефит самата туристичка дејност, а потоа и градежништвото и урбанизмот, но и се она што е поврзано со  туризмот. Знаете дека тоа е комплексна општествена и економска дејност.


OHRIDNEWS: Квалитетни и навремени услуги, помалку нервози, тоа го очекуваат граѓаните од општината. Како вие ќе им го овозможите ова?

ГИНОСКИ: Многу луѓе коишто сум ги сретнал на улица и ги прашувам каде одат- велат, одиме на нервно. Каде е тоа нервно, прашувам, а тие велат, па во општина докторе,  полудевме од комплетирање на потребните документи!
Прво што ќе направам-општинската администрација ќе оди на доусовршување. Ние ќе вложиме пари, луѓето да научат да го работат тоа за што се платени. Ако не се обучени да си ги завршуваат обврските и не знаат какви документи ви се потребни, вие нема да завршите никаква работа. Значи, секој административен работник, секој државен службеник ќе треба добро да си ја познава работата и нема да ги насочува луѓето од шалтер до шатер. Ако не му е јасно нешто, не е виновен клиентот, туку вработениот. Тоа е исто како и кај лекарот. Ако лекарот не знае што му е на болниот, кому тогаш треба да му биде јасно? Реков, прво усовршување на општинската администрација, а на второ место и нејзина реорганизација во корист на поефикасно работење.

OHRIDNEWS: Во текот на изминатите четири години бевте еден од најактивните членови на општинскиот совет. На што најмногу реагиравте и колку колегите имаа слух за вашите предлози и забелешки?

ГИНОСКИ: Мислам дека целото време го потрошив во еден ангажман за поубав град, за подобро живеење, за погоема еколошка заштита. Еве на пример, јас сум жесток поборник на заштитата на спортско-рекреативниот центар „Билјанини Извори“. Сакам да се заштити тој комплекс заедно со каналот „Билјанини Извори“. Не смееме да дозволиме една окупаторска власт каква што беше српската во 30-тите години од минатиот век да има попозитивен однос од нашата домицилна власт. Не смееме да дозволиме кејот и пристаништето кои во српското време беа градени на еден уметнички начин, да ги замениме со бехатонски плочки. Посебно бев заинтересиран да се стави крај на урбаната девастација на градот, да се заштити крајбрежјето, дури иницирав и вонредна седница за заштита на охридското крајбрежје бидејќи сами гледате дека се градат потпорни ѕидови, се влегува со платформи во езерото и сето тоа придонесува за една грда слика на градот и самото езеро. Тоа нема да ги привлекува гостите, туку ќе ги одвраќа. Охрид некогаш беше и град на цвеќето. Јас сум од повозрасната генерација и паметам кога доаѓаа карвани од Холандија, таканаречени карвани на цвеќето, на лалето. Ништо не остана од сето тоа! Се се уништи. До педа површина се претвори во паркинг-простори, во платформи, во шанкови, што е исклучително неповолно за Охрид.

Охрид е град со голем духовен набој. Овде доаѓаат луѓе за да ги наполнат психичките акумулатори, да допрат до моштите на Свети Наум и да излезат од Плаошник исцелувани. Но што се случува понатаму? На 100 метри наидуваат на панаѓурска атмосфера, на огромна бучавост, на загаденост. Тоа повеќе не може да се толерира! Мислам дека цело време сум бил заложник за таква работа, и во иднина, доколку станам градоначалник, сакам, тој процес што сум го започнал како советник за донесување акти против бучавост, за менаџирање на сообраќајот и слично, да го реализирам подетално и поуспешно.

OHRIDNEWS:По професија сте лекар-хирург, припаѓате на ВМРО-Народна партија, Ве препознаваат и како советник. Како Вие се опишувате себе си?

ГИНОСКИ: Човек, сосема обичен, скромен, посветен на своето семејство, на своите пациенти и на својата работа. Ништо повеќе!

OHRIDNEWS: Се ближи изборниот ден, па да ја слушнеме и Вашата порака до гласачите?

ГИНОСКИ: На гласачите им порачувам да го изберат најдобриот кандидат според нив и да не обрнуваат внимание на партиските ветувања. Им посакувам успешни, демократски и фер избори, нешто што е есенцијално за градот и државата.

Александра Ристоска

фото: Мирко Постолоски