Под мотото „Со спорт до инклузија – кога еден пливач плива за сите“, македонскиот маратонец Томи Стефановски денеска ќе плива на релацијата Градиште – Градско пристаниште во Охрид, каде неговото пристигнување се очекува околу 12:30 часот.

Хуманиот спортски предизвик се одржува токму на 14 август, денот кога се навршуваат 17 години од историското препливување на каналот Ла Манш на Стефановски. На 14 август 2009 година тој го совлада Ла Манш за 7 часа и 42 минути, запишувајќи едно од најголемите достигнувања во својата богата пливачка кариера.

Но, последниве години 14 август за Стефановски добива и поинаква димензија. Наместо само потсетување на големиот спортски успех, тој годишнината ја користи за да испрати порака дека спортот може да биде силна алатка за создавање похумано и поинклузивно општество.

Ова нема да биде само пливање. Ќе биде пливање за прифаќање, пливање за еднаквост, пливање за инклузија“, порачуваат организаторите од „Охридски пливачки маратон“.

Хуманата приказна започна во 2024 година, кога по повод 15-годишнината од препливувањето на Ла Манш, Стефановски преплива 15 километри во Охридското Езеро со цел да ја подигне свеста и да придонесе за подобри услови за лицата со атипичен развој и лицата со инвалидитет во спортот и физичкото образование.

Иницијативата продолжи и во 2025 година, кога Стефановски по вторпат пливаше за поголема инклузивност, поврзувајќи го предизвикот со 16-годишнината од подвигот на Ла Манш.

Годинава приказната продолжува по третпат, со порака дека различноста треба да се гледа како вредност, а не како пречка, а инклузијата да се преточи од зборови во конкретна поддршка и заедништво.

Организаторите ги повикуваат граѓаните, семејствата и пријателите денеска околу 12:30 часот на Градското пристаниште во Охрид за заедно да го пречекаат Томи Стефановски по завршувањето на неговиот трет хуман пливачки предизвик.

Денеска Томи нема да плива само кон целта, ќе плива за една поинклузивна заедница.

OhridNews