Најомилена дестинација за шопинг на листата која ја составил американскиот сајт CNN.com врз основа на квалитетот на понудата е Њујорк, потоа следува Токио, додека на третото место е Лондон. Првопласираниот Њујорк е познат по бројните бутици на најпознатите модни креатори во Ист Вилиџ, шопинг центрите во Вилиамсбург, како и преубавите продавници во Бруклин и Бродвеј. Второпласираниот Токио ги плени вљубениците во шопингот со своите трговски центри, забавните паркови со последните технолошки иновации, бутиците со екстравагантни модели и рестораните кои ги задоволуваат вкусовите на најпребирливите љубители на гастрономијата. За оние кои ја сакаат високата мода се препорачува квартот Гинза и Харајук, а за љубителите на најбајковитетите сувенири квартот Асакуса. Третопласирана е британската престолнина Лондон, поради бројните бутици кои претставуваат вистински трезор на модата од целиот свет.
Четвртопласирана е престолнината на Малезија Куала Лумпур, каде се наоѓаат три од десетте најголеми трговски центри во светот. На петтото место меѓу омилените дестинации е престолнината на високата мода Париз, на шестото Хонг Конг со изобилството од евтина кинеска роба, но и со продавници за оние со најдлабок џеб. На седмото место е главниот град на Аргентина Буенос Аирес, неприкосновен во поглед на најразлични производи од кожа, но и рај за љубителите на гастрономијата и најквалитетните видови вино. На осмото место е Виена, позната по престижните продавници за кристали и големите божиќни распродажби. Љубителите на виенската кујна, а посебно слатките работи, се чести посетители на главниот град на Австрија. На деветтото место е најголемиот светски трговски центар Дубаи, а на десеттото Мадрид кој нуди викенд купување по значително пониски цени отколку Лондон.