Селекторот на македонската фудбалска репрезентациј Џон Тошак преку веб сајтот на ФФМ испрати телеграма со сочуство до фамилијата на починатиот велшки селектор Гери Спид.

“Како и целиот фудбалски свет и јас бев занемен од вест за смртта на Гери Спид, селекторот на фудбалската репрезентација на Велс. Ги испраќам моите сочуства и симпатии кон фамилијата на Гери Спид, Фудбалската асоцијација на Велс како и целокупната фудбалска јавност. Јас заедно со претседателот и генералниот секретар на ФФМ, како и Гери Спид бевме присутни на состанокот во Брисел за договор за распоредот на натпреварите од нашата група и имавме многу добра и конструктивна соработка за време на истиот. За време на ручекот, по состанокот долго разговаравме за состојбата и перспективите во велшката репрезентација и морам да кажам дека не видов никаков знак кој би навестил ваков развој на настаните. Бев многу шокиран кога дознав за неговата трагична смрт .

Гери Спид никогаш не играл за мене, ниту во клуб ниту во репрезентацијата на Велс, но морам да кажам дека неговата фудбалска кариера е извонредна а неговата тренерска допрва требаше да биде таква. Ова е многу голема загуба најнапред за неговото семејство, потоа за Фудбалската асоцијација на Велс како и за неговите фанови.

Уште еднаш ги изразувам моите најдлабоки симпатии и сочуства кон неговата фамилија, ФА на Велс и неговите навивачи.“ – се вели во телеграмата на Тошак.

По повод трагичната смрт на селекторот на фудбалската репрезентација на Велс, Гери Спид , и ФФ на Македонија испрати телеграма со сочувство до ФА на оваа земја како и до фамилијата Спид:

Почитувани, пријатели.

По повод трагичната смрт на г-динот Гери Спид, која го затекна на функцијата селектор на репрезентацијата на Велс, примете го нашето искрено сочуство кое го испраќаме до вас во Фудбалската Асоцијација на Велс и до фамилијата Спид.

Веста за трагичната смрт не потресе сите нас во ФФ на Македонија и воопшто македонската фудбалска јавност, особено што при последната наша заедничка средба во Брисел имавме можност да го запознаеме г-динот Спид, кој сите нам ни остави впечаток како искрена и во секој момент пријателски расположена личност со која отворено разговаравме на повеќе фудбалски теми како и за претстојните квалификации очекувајќи ги меѓусебните репрезентативни средби.

Гери Спид е големо фудбалско име не само во британскиот туку и во светскиот фудбал. Со неговото прерано заминување фудбалската репрезентација на Велс загуби вистински лидер кој за кратко време донесе ветувачки резултати за националниот тим.

Ohridnews