Поразот во пријателскиот натпревар со Луксембург од 2-1 е тежок пораз за Македонија и пред се засрамувачки резултат за мене – изјави по натпреварот селекторот на националниот тим Џон Тошак.

Македонија вечерва на стадионот Жоси Бартел прва го отвори резултатот во 25м со првенецот на Хасани. Во вториот дел домаќините направија целосен пресврт со двата гола на Морис Девил во 57-та и 91-тата минута.
– Навистина сум разочаран од она што се случи на средбата со Луксембург. Доживеавме пораз со гол примен во последните моменти од средбата, пораз кој е засрамувачки за мене и не го очекував. Она што особено ме загрижува е што воопшто не постои дисциплина во играта кај дел од играчите. Вториот гол го примивме по банална грешка и повеќе би рекол неодговорност кај дел од нив. Дозволивме по наш корнер противникот да изведе контранапад 3 на еден и да постигне втор погодок – рече Тошак.
Селекторт вели дека и покрај неколкумината отсутни нема оправдување – Можеме да коментираме дека не играле Новевски, Шумуликоски, Тричковски, Попов но нема оправдување. Некои од играчите воопшто не можев да ги препознаам на теренот. Како да игравме со 5-6 играчи против растрчаните и борбени домашни 11 фудбалери.
По првиот дел во кој играле најдобрите Македонија доминирала на теренот, серијата измени го нарушиле и ритамот и физиономијата на нашата игра. – Во првиот дел игравме добро и направивме водство. Во вториот дел ги извадив од игра Демири, Тодоровски и Грнчаров и им дадов шанса на останатите играчи (шанса добија сите играчи сем Владимир Димитровски ) но очигледно промените не поминаа добро. Започнавме со четворица напаѓачи, Пандев, Наумовски, Хасани, Ибраими кои останаа на теренот 90 минути но без реализација. Создадовме и многу шанси особено во финишот кога Пандев и Деспотовски не реализираа 100% прилики ….Особено ме разочарува неодговорноста и недисциплината во финишот кога дел од играчите делуваа школски и од наша топка, наш корнер дозволија противникот со брз контранапад да не казни буквално во последните секунди– истакна по мечот селекторот Џон Тошак.
Ohridnews