Тотален хаос без надеж за поправување за доброто на пливањето владее во Пливачката федерација на Македонија (ПФМ). Во два дена одбрани беа двајца претседатели на ПФМ со што се потврдува дека станува збор за борбата за фотелја, а не за пливачите и условите за пливачите кои се далеку од оптимални.

Во петокот се одржа Вонредно собрание на кое за претседател беше избран Александар Маленко, а во саботата беше одржано ново собрание исто со предзнак Вонредно на кое доверба доби Дарко Нашков.

Паралелните претседателски избори не наговестуваат ниту малку светла иднина за пливањето, бидејќи спортските работници во пливањето место да се фатат неодложно за работа и да ги мрднат работите од нулта точката тие речиси два месеци си „играат“ со соошпштенија.

Многу веројатно, најголем губитник од ваквата ситуација во пливањето ќе биде Охрид и Охридскиот пливачкиот маратон кој го нема на мапата од ФИНА, а Ohrid News од свои извори дознава дека тој е планиран за 25 август. Недела дена пред „големиот“ маратон на програмата ќе биде Олимпискиот маратон на 10 километри, а на 2 август традиционално ќе се одржи Илинденскиот маратон од Хотел Парк до градското пристаниште.

OhridNews