Во англиското финале од Лига Европа што се одигра вечерва во Билбао, екипата на Тотенхем го совлада Манчестер јунајтед со 1:0. Стрелец на победничкиот гол вреден трофеј беше Џонсон во финишот на првото полувреме.
Избраниците на Постекоглу одиграа борбено и пожртвувано во текот на целиот натпревар кој не понуди голем квалитет, но не изостанаа возбудувања.
Манчестер во втото полувреме постојано напаѓаше, но Тотенхем кој настапи без неколкумина стандардни играчи одлично се бранеше и на крај успеа да се одбрани.
За Тотенхем ова е прв трофеј по 17 години и само втор во 21 век. Со освојувањето на Лигата на Европа Тотенхем практично ја спаси сезоната бидејќи во моментов лондонскиот гигант е на слабото 17 место во Премиер лигата. Но, со вечерашниот триумф Тотенхем си обезбеди пласман во Лигата на шампиони следната сезона во која Манчестер нема да настапи во Европа бидејќи е извесно дека до крајот на домашното првенство нема да напредува многу од 16 место каде се наоѓа во моментот.
Г.М.