Интезивно се работи на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, информира директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски. Посочува дека посебен акцент е ставен на делницата од село Врбјани (спуштањето од Пресека) до Охрид се со цел пред летната сезона да се вози по нов асфалт.

Вооедно сакам да апелирам до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената времена сообраќајна сигнализација која е поставена според одобрени сообраќајни проекти од страна на МВР и Министерството за транспорт, вели Трајановски.

Претходно, Трајановски, информираше дека кај селото Ботун се работи на санација на свлечиште, а на делот од Кичево до Врбјани на заштита на косините и санација на свлечишта, се со цел што побрзо да може и оваа делница биде пуштена во употреба.

Според најавите, пак, од министерот за транспорт и врски Александар Николоски до почеток на летната сезона треба да биде пуштен за сообраќај околу 40 километри од потегот од Врбјани до Охрид, а до крај на 2026 година да биде изграден автопатот целосно.

Н.С.Ј.