Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, оствари средба со новоименуваната амбасадорка на Народна Република Кина во Република Македонија, Џијанг Сјаојан.

На средбата, како што информираат од ЈПДП, беше изразено заедничко задоволство од досегашната соработка меѓу двете земји, како и очекување дека новата амбасадорка ќе придонесе за понатамошно продлабочување на пријателските односи и унапредување на соработката во областа на економијата, инфраструктурата и инвестициите.

Во таа насока беше истакнато дека ЈПДП веќе има воспоставена успешна соработка со Народна Република Кина преку кинеската компанија „Синохидро“, која е изведувач на автопатот Кичево–Охрид, еден од најзначајните инфраструктурни проекти во државата.

Директорот Трајановски во својата изјава нагласи дека соработката со кинеските институции и компании веќе дава конкретни резултати.

ЈПДП веќе има една успешна соработка со Ексим Банката на Народна Република Кина, со чија финансиска поддршка преку кредит беа обезбедени средства за изградба на автопатот Миладиновци–Штип, како и за реализација на автопатот Кичево–Охрид, чија изградба на овие капитални инфраструктурни проекти е доверена на кинеска градежна компанија ‘Синохидро’, која работеше и на изградба и на Градско-Дреново, односно на делот од експресниот пат Фариш-Дреново, како и на изградбата на експресниот пат Штип-Кочани, односно Крупиште-Кочани. Сето ова претставува цврста основа за понатамошно унапредување и проширување на соработката меѓу двете земји, изјави Трајановски.

Директорот Трајановски и амбасадорката Сјаојан констатираа дека соработката во инфраструктурата и инвестициите ќе продолжи.

OhridNews