Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски заедно со инженерскиот тим оствари работен состанок со изведувачите и надзорот, а потоа изврши увид во работите долж трасата во изградба на автопатот Кичево-Охрид.

Од теренскиот увид беше видлива раздвиженоста на трасата каде што изведувачите заедно со подизведувачите Гранит, Синохидро и Илинден работат засилено и со зголемено темпо. Во моментов се работи на сите предвидени точки, со цел да се созададат услови за ставање во функција на уште еден дел од трасата и тоа од потегот на Климештани до Охрид. Имено, се асфалтира на главната траса, како и на пристапните патишта со цел да им се овозможи на локалните жители брз, лесен и безбеден пристап до нивните домови кои се околу автопатот во изградба, информира Трајановски.

Претходно, поточно минатата недела, потсетува,  беше ставен под времен режим на сообраќај натпатникот кој е дел од патниот јазол Подмоље со што значително се олесни протокот на сообраќај и се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот кои на дневна основа го користат овој патен јазол во правец кон Охрид, Струга или кон Кичево.

Со тоа дополнително се созададоа услови за доизградба на десната коловозна лента од автопатот во зоната на патниот јазол, но и услови за изградба на рампа 1 која води од правец Струга кон Охрид и рампа 4 која води во правец од Кичево кон Охрид. Очекувањата се нивната изградба да се одвива брзо со што би напреднале работите за доизградба на клучката Подмоље, посочува.

Додава дека отпочнато е со асфалтирање и на паралелниот пристапен пат Требеништа-Подмоље-Охрид, кон населените места Горенци и Оровник и завршено е бетонирањето на потпатникот на делница 4 на 10 + 800 км меѓу Мешеишта и Требеништа, а интензивно се асфалтира километар и пол на левата страна од автопатот после бензиската Еко Петрол.

Со несмалено темпо се работи и на клучката Св. Еразмо, а во средишниот појас се поставува еластична одбојна ограда, додека во Требеништа се работи на потпатникот каде се прават потпорни ѕидови и интензивно работиме и на решавањето на приклучувањето на безниските пумпи. Од почетокот на јули граѓаните, туристите, и сите оние кои патуваат кон Охрид, возат по автопат со исклучок кај Ботун, каде има за решавање едно комплицирано свлечиште. Очекувањата се наскоро, за многу краток период да биде ставена во функција уште една делница од автопатот во изградба Кичево-Охрид, додава Трајановски.

OhridNews