Водици во култниот ресторан Св. Софија во стариот дел на Охрид секогаш се празнувале на посебен начин. Таму започна возобновувањето на убавата охридска традиција за масовно одбележување на Богојавление во Охрид на почетокот на деведесеттите години од минатиот век. И оваа година на Водици во „Св. Софија“ дојдоа голем број гости, од сите бранши и краишта на земјата, но и нашинци со нивни пријатели од странство кои уживаа во убавата охридска традиција.

Во ресторанот „Св. Софија“ наврати и фаќачот на крстот со неговата тајфа, кои ја збогатија преубавата празнична атмосфера. Се запеа „Во Јордание“, се бакнуваше чесниот крст, кој оваа година по петти пат го фати охриѓанецот Петар Рупевски. Во знак на почит и внимание, познатиот охридски занаетчија Митко Укоески на фаќачот на крстот му подари рачно изработен крст од сребро и македонски рубин.

Во „Св. Софија“ на Водици доаѓале многу премиери, шефови на држави, амбасадори и познати јавни личности од  земјата и регионот, што придонесе одбележувањето на празникот Водици во Охрид да добие и меѓународна димензија. Така беше и оваа година. Во предвечерието на празникот гостин во најстариот охридски ресторан беше хрватската музичка ѕвезда Петар Грашо, кој одушевен од познатата охридска риба при последната посета побарал повторно да вечера во „Св. Софија“.

Грашо не би бил добар музичар, а да не ги почитува колегите музичари. Тие му запеаја далматинска песна, а тој веднаш им се придружи.

Во Св. Софија наминаа и Миле Кузманоски и Ѓоко Танески, а друштво им правеше градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

Во ресторанот „Св. Софија“ е формирано и здружението Богојавление кое долги години го организираше културно забавниот дел од празникот Водици како поддршка на Дебарско – кичевската епархија. Во 2015 година здружението се повлече од организацијата и истата ја препушти на црквата и градот. Но, ресторанот „Св. Софија“ останува и натаму да биде изворот на една убава традиција која го промовира и афирмира Охрид.

Г.М.