Традиционално и годинава по повод празникот Успение на Пресвета Богородица во село Скребатно ќе се одржи голем црковно-народен собир. Подготовките за одбележување на празникот се при крај, а очекувањата се и годинава да присуствуваат голем број верници.Од Црковниот одбор посочуваат дека и празникот ќе биде достојно одбележан почитувајќи ги обичаите.

Литургијата ќе започне на 28.08.2026 во 8:00 часот, додека во 12:00 ќе биде лицитацијата на бајракот. Потоа ќе следува голем црковно народен собир и традиционалниот ручек за сите присутни околу 15:00 часот, информираат од Црковниот одбор.

Изминатиов викенд, велат, биле направени подготовките во однос на приборот потребен за ручекот, а патот до Скребатно е исчистен, проширен, а поготвени се и паркинзите.

Денес, како што информираат од Црковниот одбор домаќинките го подготвуваат лебчето во фурна, а утре ќе продолжат и другите подготовки на ручекот.

 

И годинава нема да изостане музичката програма, па ден претходно, вечерта на 27 август ќе настапат Маестрал бенд и Методија Столески со почеток во 20 часот.

По повод празникот од Општина Охрид информираа дека ќе биде организиран превоз во 08:30 часот од автобуската постојка кај пекарата „Мартина“ на булевар „Туристичка“ и од сред село во Лескоец во 9:30 часот. Тргнувањето за назад е во 16:30 часот.

Инаку, црквата Успение на пресвета Богородица целосно е возобновена на темелите на стариот храм кој со точност не се знае од кога потекнува. Скребатно за прв пат во пишан документ се спомнува во 1583 година.

Н.С.Ј.