Рачно изработени хартии, икони, дрворези, филиграни, како и народни инструменти и носии, отсега ќе можат да се купуваат и на интернет, преку новата електронска продавница која денес официјално беше промовирана во Охрид.
Според основачот на интернет порталот кој ќе ги нуди овие услуги, Мишко Ѓоршески, долгогодишната идеја конечно е остварена.

– Имав желба да се промовира занаетчиството како сектор во земјава кој е во фаза на изумирање. Сите овие изработки се одлични и говорат за традицијата која се пренесува низ вековите. Изминатата година имаше конкурс од Министерството за информатичко општество и администрација, за финансирање на изработка на 50 веб продавници. Изготвивме бизнис план и подоцна бевме известени дека го добивме проектот, изјави Ѓоршески.


Охридските занаетчии се задоволни што нивните производи ќе се достапни до заинтересираните купувачи и преку интернет.

Оваа е нова современа можност, со која ќе можеме производите да ги продаваме преку интернет. Долги години сме посетени од голем број на туристи, а сега ќе им овозможиме на истите да купуваат традиционални изработки преку дигиталниот свет, вели Анастас Дуданоски.



На официјалната промоција на веб продавницата присуствуваше и Министерот за инфорамтичко општество и администрација, Иво Ивановски. Тој потенцира дека граѓаните кои се поврзани на интернет, ќе можат  безбедно да купат ваков производ.

– Ова ќе биде уште еден поттик да се негува традицијата и овој сектор. Ова е уникатен бизнис план и се надевам дека сопствениците ќе имаат успешен бизнис. Преку промоција на овие производи, на еден начин ќе се подобри економијата, а граѓаните ќе добијат стимул за да го користат интернетот како современа платформа, рече Ивановски.

Инаку, ресорниот министер потенцира дека на најдобрите пет бизнис страни кои ќе имаат најголем обрт на производи, ќе им биде продолжено хостирањето на веб страните за уште една година.

O.T