Најдени се многу траги во темноцрвениот „опел“ за којшто Министерството за внатрешни работи има докази дека бил на местото на петкратното убиство кај скопско Смилковци, но е потребно време тие да се анализираат, брифираат од МВР, пренесува „Макфакс“.
Полицијата ја знае историјата на возилото но не открива детали кога било внесено во Македонија, кој го купил и кој го продал, но потврдуваат дека било од поодамна влезено во земјата.
Се испитуваат сите безбедносни камери на бензинските пумпи, а имало и граѓани кои доброволно се јавувале дека имаат снимки направени со камери и дека снимките може да и’ послужат на полицијата. Се проверуваат педесетина снимки за коишто е потребен одреден временски период овие камери да се проверат и да се утврди дали автомобилот е регистриран на некоја од нив.
Со анализа на земјата која била најдена на гумите на автомобилот било утврдено дека „опелот“ бил на местото на убиството. Но возилото не од скоро е влезено во Македонија.
Според досегашната истрага, убиството се случило околу 20 часот и овој злосторнички чин траел многу кратко време, од пет до десет минути. Извори во МВР велат дека немаат таква информација, дека покрај телата на убиените била најдена лична карта. Се претпоставува дека жртвите се подготвувале да си тргнат, бидејќи светлата на автомобилите биле во позиција.
Случајот бил пријавен околу 22.15 часот. Луѓе коишто минале крај езерото пријавиле дека виделе од далеку оти покрај езерото лежат тела. Тие не знаеле дали се мртви или нешто друго им се случило.Убијците најверојатно дошле од надвозникот кај езерото.
Министерството за внатрешни работи не исклучува ниеден аспект или сценарио во истрагата, но нема да брзаат со квалификација. Во игра е и сценариото кое се шпекулира во јавноста, дека ова е одговор на полициската акција „Детонатор“ што ја стресе источна Македонија.
Од полицијата велат дека тоа што во јавноста не се изнесуваат детали, не значи дека полицијата нема информации. Од соседните држави засега се уште нема никакви информации освен декларативна помош.
извор: „Макфакс“